Зимата стегна, се штеди струја, а печките баботат

Фото: Илустрација/Profimedia

Пресметките покажуваат дека едно семејство во есенско-зимските месеци троши од 5 до 15 кубици дрва. Но, енергетската криза ги натера граѓаните повторно да посегнат по заборавените печки и шпорети, на кои ем готват ем се греат

Бука или даб, енергетската криза ја зголеми побарувачката на огревно дрво, потврдува за „Слободен печат“ Јулиjана Николова, директорка на ЈП „Национални шуми“, но тие максимално се трудат да ги задоволат потребите на граѓаните. Цената на еден кубик од овој енергенс не е променета од 2014 година и тој според ценовникот што го одредува Владата е 2.450 денари. Но, во приватните складови, кои набавуваат огревно дрво од ова јавно претпријатие, цената е повисока од 1.000 до 1.500 денари, бидејќи тие сами си одредуваат цена според пазарот. Тоа, додава Николова, во иднина би требало да се реши, бидејќи вака се соочуваат со своевидна нелојална конкуренција, а тие како јавно претпријатие не смеат да ја зголемуваат цената. Николова открива и дека сè уште не почната сечата во опожарените подрачја, а во зависност од оштетувањето, цените на ова огревно дрво ќе бидат малку пониски.

– Има зголемена побарувачка, но ние работиме според годишниот план за сеча на државата. Сепак, испорачани се сите претходно уплатени количини, а во континуитет се намируваат и новите уплати. Малку нè попречуваат временските услови, бидејќи од нив зависи нивната работа. Тука е и непристапниот терен, а последните дождови и снегот им задаваат проблеми на работниците. Веќе неколку тури се распродадени, бидејќи граѓаните уплаќаа уште од април за да се снабдат за зимата и немаме посериозни поплаки за неиспорачани дрва – објаснува Николова.

Пресметките покажуваат дека едно семејство во есенско-зимските месеци троши од 5 до 15 кубици дрва. Но енергетската криза ги натера граѓаните повторно да посегнат по заборавените печки и шпорети, на кои ем готват ем се греат. Шумското богатство на Македонија е распослано на околу 1,1 милиони хектари шума, од кои 88 до 90 проценти се во сопственост на државата, а остатокот е во приватна сопственост. И сопствениците на приватните шуми мора да добијат дозвола од јавното претпријатие, за да исечат макар и едно дрво. Инаку, од вкупните пошумени површини, 25 проценти се квалитетни шуми, а 75 отсто се користат за огрев. ЈП Национални шуми годишно сече до 600.000 метри кубни огревно дрво, а сопствениците на приватните шуми сечат во просек од околу 100 илјади метри кубни.

– Нашата цена за еден кубик е непроменета веќе десеттина години и неа ја одредува Владата, додека приватниците купуваат од нас дрва, кои ги складираат и ги продаваат поскапо, според побарувачката на пазарот – додава Николова.

Од „Национални шуми“ се снабдуваат и домашните производители на мебел и ова таканаречено техничко дрво е далеку поскапо и чини околу 100 евра за кубик.

– Ова дрво треба да биде со одличен квалитет и во зависност од тоа дали се прават маси, столови или комоди, се бара даб, бор или бука. За споредба, во некои земји како на пример Турција, во државните складишта се продава само техничко дрво, бидејќи најголемиот дел од луѓето се греат на гас, но кај нас речиси 50 отсто од народот се грее на дрва – споредува Николова.

Инаку, продажбата  на огревно дрво за физички лица може да се врши најмногу на 6 рати. Повеќе рати и попуст од 10 отсто, ако плаќаат во готово имаат социјално ранливите категории. Ланскиот рок за поднесување барање и склучување договори почна од 16 декември и траеше до исполнување на планираните количини на огревно дрво во триесетте подрачни шумски стопанства или до 31 март годинава.

Не е почната сечата на дрвата што настрадаа во летните пожари

Сè уште не почната сечата на дрвата кои во август годинава, настрадаа во стравотните пожари, велат од ЈП „Национални шуми“. Теренската контрола е завршена, а претпријатието има законски рок од две години да ги исчисти површините и да ги пошуми со млади садници.

– Стручните лица беа на терен и ги завршија процените за вкупната опожарена површина, разграничувањето на сопственоста на парцелите (бидејќи во опожарената површина има и приватни шуми), како и плановите за отпочнување на активностите за расчистување на опожарената дрвна маса. Сега се чека да заврши декласирањето врз основа на процените за степенот на оштетување на дрвата. Сечата не е почната, а дали овие трупци ќе се продаваат по пониска цена, ќе зависи од оштетеноста. Кај некои е зафатена само кората, а други се цели изгорени, затоа се врши проценка – вели директорката Николова.

Според податоците од Владата до 15 август годинава, со пожарите биле зафатени вкупно 9.907 хектари, од кои 8.803 хектари отпаѓаат на површини со шуми, при што изгореа 442.074 метри кубни дрвна маса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот