Жителите на Средно Коњари долго ја чекаат правдата: Повторно ќе блокираме – никој не ја гледа нашата мака!

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

„Го блокиравме автопатот бидејќи немаме друг начин да им порачаме на надлежните дека веќе немаме трпение и ќе блокираме повторно кога во Средно Коњари безмилосно се уништува брегот на Пчиња, а ние сме притиснати до ѕид и немаме каде освен да се бориме за спас“, изјави за „Слободен печат“ Сенад Цамиќ, еден од жителите на Средно Коњари кои минатиот викенд го блокираа автопатот Скопје – Штип.

ФОТО+ВИДЕО: Матни игри со песокта од Пчиња

Тој вели дека знаат дека кршат закон, но поинаку никој не им го слуша гласот.

“Секој ден се повторува истата слика – концесионерот Прогрес Компани интензивно го копа државното земјиште со багери и го изнесува песокот со камиони, додека не се собере поголема група на локални жители за да избрка“, вели Цамиќ.

Тој вели дека се чувствуваат измамени од институциите кои на лице место се уверија дека концесионерот веќе направил огромни штети на природата и ги загрозил животите на жителите на селата Горно и Средно Коњари и ветија дека ќе превземат мерки, но досега ништо не е сторено.

-Очекувавме дека по посетата на министрите  Николовски и Нуредини и други претставници на надлежни институции од пред повеќе од еден месец, како и по наодите на Министерството за земјоделие за несоодветно искористување на земјоделското земјиште во државна сопственост ќе биде донесена забрана за работа на концесионерот додека не се утврди како се почитуваат законите и дали издадената дозвола соодветствува со она што се случува на терен, но ништо од тоа, вели претставникот на Средно Коњари, вели тој резигнирано.

Минатата недела Државниот инспекторат за животна средина објави дека ангажирал овластена геодетска фирма за изработка на Геодетски елаборат откако беа доставени податоци од Управата за хидрометеоролошки работи за положбата на котата на педесетгодиишните води на реката Пчиња.

За потребите на овој Елаборат, информираше ДИЖС, геодетската компанија на 9-ти февруари изврши теренски мерења. Тие се реализираа во присуство на државен инспектор за водостопанство и државен инспектор за техничка инспекција и со асистенција на припадници на полицијата, бидејќи претходните обиди за спроведување на мерењата беа спречени од страна на концесионерот. Елаборатот треба да утврди дали концесиското поле навлегува во зоната на плавење на реката Пчиња и дали со ископот е навлезено под котата на подземните води и наодите потоа ќе бидат доставени до Министерството за животна средина.

Но, жителите на Средно Коњари велат дека додека да изреагираат институциите, нивниот крај, како и водоснабдувањето ќе претрпат непоправливи штети, поради кои не знаат дали воопшто ќе можат нормално да живеат во своите домови. „Подземните води, а со тоа и бунарите од кои се снабдуваме со вода сега се загрозени и тоа може да се види со голо око и без елаборати, вели Цамиќ.

Протест на жители на скопско Коњари на автопатот Штип – Миладиновци

Со песокот од Пчиња се „исцрпува“ и животот во Горно Коњари

ВИДЕО | Нуредини: Ако има нешто незаконско околу концесиите за мали хидроцентрали, ќе ги запреме

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот