Зендели: Можноста за етничката припадност во личните карти важи само за заедниците од Преамбулата

Можноста за вметнување на етничката припадност во личните карти ќе се однесува само за оние граѓани што се припадници на заедниците опфатени со Преамбулата на Уставот, потврди за „Слободен печат“, пратеникот од редовите на БЕСА, Фадил Зендели. И покрај трите амандмана од партнерите од мнозинството, но и амандманската блокада од страна на опозиционерите од Левица, тој уверува дека измените ќе бидат усвоени.

-Ова е став што е усогласен за време на постигнувањето на коалицискиот договор. Сепак, мора да се напомене дека ова е опција и ништо не е задолжително, ќе има избор, никому нема да биде наложено да мора да се произнесе за неговата етничка припадност, изјави Зендели, додавајќи дека ваквото право е дел од етничките права што им следуваат на припадниците на заедниците што се во текстот на Уставот.

Прашан дали измените ќе предизвикаат реакции кај граѓаните, чиј етникум не е дел од Преамбулата, како што се на пример Бугарите во земјава, Зендели одговори дека досега не чул дека и бугарската заедница изразила желба да биде во уставот.

Досега поддршка за измените на БЕСА, покрај СДСМ, најавија и ДУИ и коалицијата Алијанса-Алтернатива. Од ВМРО-ДПМНЕ најпрвин се изјаснија дека ќе гласаат „за“, со цел во документ за лична идентификација граѓаните да можат да се произнесат како Македонци, но потоа поддршката беше повлечена, бидејќи во една од измените на БЕСА се прави и усогласување на обрасците за лични карти со новото уставно име – Република Северна Македонија.

Сепак, се чини дека предлогот ќе почека со оглед на тоа што се уште се преведуваат поднесените амандмани на Левица, над 1.200. Инаку, за вакво законско решение да биде усвоено е неопходно обично пратеничко мнозинство, од најмалку 41 глас, па веројатно власта ќе нема проблем да го истурка новото решение и покрај тоа што и пратеници од коалцијата, како Павле Трајанов, истакнаа дека не се согласуваат етничката припадност да биде дел од личните карти.

ВИДЕО I Мизрахи: Во личните документи бараме да нема етничка припадност, туку во делот на државјанство да стои македонско

Петровска за Слободен печат: Предлогот за етничката припадност во личните карти ќе има измени, нема да го усвоиме по секоја цена

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот