Земјата стана тесна за големите сили: Нова трка за вселената, Русија ја освојува Месечината

Фото: Bildagentur-online/Ohde / Alamy / Alamy / Profimedia

Во услови на светска економска криза поради војната во Украина но и период кога Кина но и некои други светски сили сè повеќе им се закануваат на американските интереси на копно и во воздухот, трката за вселената, која беше една од главните карактеристики на Студената војна, повторно е во фокусот на големите сили.

Најнов фронт во интензивираниот натпревар за доминација над ѕвездите е последното лансирање на првото вселенско летало кон Месечината по цели 47 години од страна на Русија во ноќта меѓу четвртокот кон петокот кога во 02:10 часот по московско време полета ракетата со сонда Луна-25 од космодромот Восточни на Далечниот Исток.

Со ова според пишувањата на светските медиуми по подолго време Русија ќе се обиде да биде првата земја што ќе слета на јужниот пол на Месечината, област за која се верува дека содржи мраз. Се очекува дека Луна-25 ќе слета на Месечината на 23 август, јави агенцијата АП.

Руската мисија се трка со Индија, која минатиот месец испрати свој лендер и веќе орбитира околу Месечината. Индиското вселенско летало Чандрајаан-3 треба да слета на сателитот на Земјата на 23 август. И Соединетите Американски Држави и Кина имаат напредни истражувачки програми фокусирани на јужниот пол на Месечината.

Од друга страна, на истава тема, „Форин полиси“ пишува дека вселенската трка што е актуелна периодов во исто време неизбежно е и политичка. Медиумот потсетува дека првите мисии на НАСА, особено оние со историското слетување на Месечината во 1969 година, беа поттикнати од ривалството меѓу Вашингтон и Советскиот Сојуз за време на Студената војна, па таква е состојбата и денес.

– Пекинг од своја страна е свесен за престижот што може да го добие со престигнување на САД во вселената. Ако сондата „Тјанвен-1“ која беше испратена на Марс во потрага по знаци на вода забележи успех, државата има планови во иднина да испрати човечка мисија на Марс. Под водство на претседателот Си Џинпинг, Кина инвестираше милијарди долари во креирање на нејзината вселенска програма и покрај нејзиното зголемено влијание на Земјата со агресивното спроведување на „големата обнова на кинеската нација“. Вселената беше истакната како истражувачки приоритет од страна на кинеската влада во нејзиниот тринаесетти петгодишен план, со посебен акцент на вселенските испитувања и лансирање вселенско летало во орбитата – наведува медиумот.

Според „Форин полиси“, покрај мисијата на Марс, Пекинг исто така планира да лансира постојана вселенска станица таму и во исто време сака да испрати сонда со човечки екипаж на Месечината во 2030-тите години.

Во меѓувреме соочен со сѐ поголемата закана од руските и од кинеските антисателитски оружја во орбитата, поранешниот американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот од својот мандат соопшти дека негова намера во мандатот е САД да основаат нови вселенски сили, како посебен разгранок на војската на САД. Сепак, иако до ова не дојде, сегашната администрација на Бајден се уште размислува за ваков чекор и покрај економската криза и војната во Украина. Паралелно на ова воените лидери во земјата ги засилија напорите за изградба на мрежа од сензори во вселената, за рано откривање на истреланите непријателски проектили.

– Кина и Русија ја вооружуваат вселената. Нема да седиме мирни и само да гледаме. Мораме да дејствуваме – порача неодамна висок преставник од американската одбрана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот