Здружение „Напредни лозари“: Сè повеќе се откажуваме од лозовите насади

Лозарство РСМ/ Фото Архива на Слободен печат

Цената за грозјето што ја добиваме од винариите е многу ниска, а ќарот ни е од субвенциите што ги дава државата, оценува Трајче Кулев, претседател на Здружението „Напредни лозари“ од Кавадарци.

– Она што го вети државата како поддршка на лозарите и како субвенциии, тоа и го исполни, но проблемот е кај винариите кои даваат многу малку пари. Тоа пак, принудува се повеќе лозари да се откажуваат од обработка на насадите. Еве конкретно јас, обработував 4 хетари, сега обработувам 2, но почнувам да се мислам дали да продолжам и со нив – изјави Кулев за „Слободен печат“.

Тој објаснува дека од 2 хектари може да набере 15 тони грозје, но дека за тој труд нема да добие соодветен износ на пари.

– Гледаме дека се’ поскапе, и репроматеријал и гориво. Ако не се зголемат цените што ги исплатуваат винариите, се’ помалку лозје ќе се обработува – заклучува Кулев.

Според неговите пресметки грозјето сега е исплатливо ако од 1 декар се наберат повеќе од 1.500 килограми.

– Ако има толкави количини, односно толкав род, тогаш ќе паднат шеќерните единици и такво грозје не ни го примаат винариите. Така, под услов и да има наводнување и одлично да го обработуваме, мора да се задоволиме со род од 1.200 до 1.300 килограми по декар – објаснува Кулев.

„Тиквеш“ како најголем откупувач на грозје, лани во септември објави дека ги почитува договорените цени од 11 денари за смедеревката и 13 за вранецот.  За дел од производителите “Тиквеш“  лани ги затворија вратите, односно им го вратија грозјето затоа што не беше со понизок квалитет и шеќерност и понудија да го преземат за преработка во вински дестилат.

Лозарството пак, се смета за една од стратешките гранки во Македонија и од извоз на вино минатата година се добиле 49 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот