Збирката есеи „Господ, па Америка“ на Румена Бужаровска го доби своето прво македонско издание

Промоција на книгата во „Јавна соба“

Издавачкиот центар „Три“ ја промовираше збирката есеи „Господ, па Америка“, новата книга на Румена Бужаровска. Промоцијата се одржа на 15 април во „Јавна соба“ во Скопје и се одвиваше низ разговор меѓу Ивор Мицковски и авторката Румена Бужаровска.

Првобитно есеите беа објавени на српски јазик во онлајн списанието „Велике приче“, а сега го добиваат и своето прво македонско издание. Есеите во книгата содржат лични гледишта и критика кон современото општеството.

– Америка е синтеза. Точка на вриење. Почнувајќи од најраното детство во Аризона и во американските училишта, па сѐ до средби што го менуваат животот и познанства што не стигнале да прераснат во пријателства. Во овој свет што ја создава осаменоста – тешко е човек да се потсетува. А камоли да напише длабоки есеи, кои не се само критичко видување, туку истовремено и личен, вонвременски дневник. Молитвите завршуваат со амин, животот со смрт, есејот со точка (најчесто). Ретко, токму како во овој случај, завршуваат во книга која е опасна за припадноста на читателот. Ќе го предизвика да си припаѓа себеси, без разлика во која земја живее – стои напишано на корицата од книгата што предизвикува да се прочита во еден здив.

По досегашните четири збирки раскази, Румена Бужаровска ја збогатува домашната литература со збирка есеи. Неоспорен е успехот со кој таа се закити со претходните книги раскази – превод на повеќе од 15 светски јазици, десет домашни изданија на „Мојот маж“, театарски претстави во регионот според ова значајно книжевно дело, место на топ-листите на светските книжевни платформи – книга на неделата во Германија според „Шпигел“, прв македонски автор објавен од францускиот реномиран издавач „Галимар“, најнов превод на грчки јазик…

И за есеите веќе има одличен одѕив од домашните и од авторите од регионот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 227, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот