Заврши разговорот на Путин и Си: Односот на Русија и Кина пример за меѓународна соработка во 21-ви век

Разговорот на Путин и Си/ Фото EPA-EFE/ALEXEI NIKOLSKY

Руско-кинеските односи може да се сметаат за вистински пример за меѓудржавна соработка во 21 век, изјави рускиот претседател Владимир Путин за време на разговорите со кинескиот лидер Си Џинпинг.

На почетокот на средбата, Путин љубезно го поздрави Си Џинпинг нарекувајќи го „негов драг пријател“. Кинескиот лидер одговори со истиот гест и широка насмевка.

Билатерални односи и меѓународни прашања

– Драго ми е што имам можност да стапам во директен контакт со вас. Верувам дека нашите односи се вистински пример за меѓудржавна соработка во 21 век, истакна Путин.

Тој додаде дека односите меѓу Русија и Кина се карактеризираат со решеност заедничката граница да се претвори во појас на вечен мир и добрососедство.

„Меѓу нашите земји е формиран нов модел на соработка, кој се заснова на принципи како немешање во внатрешните работи и почитување на меѓусебните интереси, решителност заедничката граница да се претвори во појас на вечен мир и добрососедство. изјави рускиот претседател.

Путин изрази надеж дека лично ќе се сретне со кинескиот претседател во февруари 2022 година во Пекинг на отворањето на Олимписките игри.

– Драг пријателе, почитуван претседателе Си Џинпинг, се надевам дека во февруари следната година конечно ќе можеме да се сретнеме во живо во Пекинг. Како што се договоривме, ќе одржиме состанок, а потоа ќе учествуваме на свеченото отворање на Зимските олимписки игри, рече Путин, нагласувајќи дека е благодарен за поканата да присуствува на овој важен настан.

Путин изјави и дека Кина е меѓународен центар за производство на руски вакцини „Спутник V“ и „Спутник лајт“: потпишани се договори со шест кинески производители за производство на над 150 милиони дози вакцини.

Си му се заблагодари на Путин

Кинескиот претседател му се заблагодари на Путин за неговите напори да се спротивстави на обидите за внесување раздор меѓу двете земји.

– Неодамна, на различни настани, ги пофаливте односите меѓу Русија и Кина, нарекувајќи ги пример за соработка во 21 век, силно ги поддржавте напорите на Кина да ги заштити клучните национални интереси и решително се боревте против обидите да се забие клин меѓу двете земји. Навистина го ценам тоа, изјави кинескиот лидер.

Светот, рече тој, влезе во турбулентна фаза, период на големи промени.

– Кинеско-руските односи, кои издржаа бројни предизвици, покажаа виталност и добија нов поттик, посочи Кси.

Според него, Кина и Русија меѓусебно се поддржуваат кога се во прашање виталните интереси, зачувувајќи го националното достоинство и интереси.

Тој додаде дека со нетрпение ја очекува средбата со Путин во живо и потсети дека ова е нивни 37 разговор од 2013 година.

– Очекувам за еден месец да ја посетите Кина, како и да присуствувате на отворањето на Олимпијадата во Пекинг. Со нетрпение го очекувам нашиот олимписки состанок, рече Си.

По воведните зборови, средбата продолжи зад затворени врати. Разговорите траеја околу час и половина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот