Западот во битка со „Вагнер“, рускиот паравоен призрак што официјално не постои

Војници без обележја стражарат во Симферопол на Крим во 2014 година/Фото: EPA/MAXIM SHIPENKOV

Групата „Вагнер“ ниту е законска ниту е регистрирана, но е опасна мрежа од разни фирми за безбедносни услуги и за логистика, чии дејности и сопственичка структура често пати се преклопуваат, па не се знае кој треба да се смета одговорен за низата злосторства за кои е осомничена

И Вашингтон и Брисел во период од само 24 часа, изразија сериозна загриженост и презедоа мерки поради активностите на групата „Вагнер“, таинствена приватна воена компанија, за која тврдат дека прикриено спроведува операции за одбрана и проширување на интересите на Москва низ светот.

Откако во вторникот Европската Унија ги замрзна сметките на осум лица и три компании поврзани со „Вагнер“, и Стејт департментот во средата ја изрази длабока загриженост на САД поради можното ангажирање на платеници од оваа група во Мали, за активности за кои ќе добиваат по 10 милиони долари месечно.

„Вагнер“ веќе е на црниот список на Вашингтон поради „дејства поврзани со закани по мирот, безбедноста, стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Централна Африканска Република“, а во врска со убиства на припадници на доминантната муслиманска заедница. ЕУ, пак, воведе санкции против лица и ентитети поврзани со „Вагнер“ поради „дестабилизирачки активности во Украина, Либија, ЦАР и Сирија“.

– Државите во кои дејствува „Вагнер“ мошне брзо стануваат посиромашни, послаби и помалку безбедни. Случаите со Либија, ЦАР, Украина и Сирија се пример за клучната улога на групата „Вагнер“. Богатствата на земјата, вклучувајќи ги концесиите за рударење, треба да бидат наменети за благосостојба на граѓаните, а не за да се плаќаат странски сили со историја на злоупотреби на локалното население и поткопување на контролата над територијата – изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.

Москва: Западна хистерија

Москва ги отфрла како „западна хистерија“ критиките за каква било поврзаност со озлогласената група.

– Хистеријата што се развива на Запад на оваа тема ја покажува пред сè завидливоста на ЕУ кон Африка и Блискиот Исток, чиј суверенитет и независност некогаш беа принудени да ги признаат. Независните држави, судејќи ги сопствените безбедносни способности, имаат право да работат со такви компании. ЕУ го доведува во прашање сувереното право на овие членки на Обединетите нации да градат независна и внатрешна и надворешна политика – соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.

Групата практично и не постои, па не се знае кој треба да се смета одговорен за низата злосторства за кои е осомничена. Во Русија воопшто не е регистрирана компанија со ова име. „Вагнер“ всушност е описно име на мрежа од разни групи воени платеници и фирми за логистика, чии дејности и сопственичка структура често пати се преклопуваат.

Групата „Вагнер“ првпат се појави на Крим во 2014 година/Фото: EPA/MAXIM SHIPENKOV

Првата акција на групата била во 2014 година на Крим, како паравоена формација што им дала поддршка на проруските сепаратисти во Украина. Платениците од „Вагнер“ наводно им помагале на руските сили да воспостават контрола врз украинскиот полуостров и да го овозможат спроведувањето на референдумот за отцепување и припојување кон Русија.

Од Крим, групата го проширила своето паравоено дејство со гранки во Сирија, каде што платениците се бореле на страната на силите на претседателот Башар ал Асад и ги обезбедувале енергетските постројки во земјата. Мрежата се проширила низ африканските земји – во Либија, Судан, Мадагаскар, Мозамбик и Централна Африканска Република.

Главниот јазол е „Царот на колбасите“

Јазолот што ги поврзува гранките во мрежата е Јевгениј Пригожин, бизнисмен што важи за главен финансиер и на вооружените платеници и на организираните групи што шират дезинформации по социјалните мрежи. САД и ЕУ веќе воведоа санкции против Пригожин, сметајќи го за главен извор на средства за Агенцијата за истражувања на интернет – озлогласена на Западот како „руска фабрика на тролови“.

– Улогата на Пригожин во Судан ја отсликува испреплетеноста на руските паравоени операции, поддршката за автократските режими и експлоатацијата на природни богатства – објави американското министерство за финансии, објаснувајќи ги санкциите што лани ги воведе за Рогожин поради активности на компании поврзани со него во Африка, како и поради обидите да се влијае врз претседателските избори во САД.

Пригожин кагегорично отфрла дека има какви било врски и со Министерството за одбрана на Русија и со „Вагнер“. Порталот „Форин полиси“ за Пригожин наведува дека, за разлика од другите олигарси, кои ги стекнале богатствата во енергетскиот и финансискиот сектор, тој почнал да го создава своето „царство“ како продавач на колбаси во Санкт Петербург, во периодот кога претседателот Путин беше советник во администрацијата на градоначалникот Анатолиј Собчак. Кога Путин се вивна до претседателската позиција, Пригожин стигнал до сопственик на угледен ресторан, во кој често пати доаѓале и главните луѓе од Кремљ, а и странски државници, вклучувајќи го и американскиот претседател Џорџ Буш. Пригожин подоцна создал цело царство, обезбедувајќи договори за обезбедување оброци за Кремљ, за училиштата и за војската, поради што го добил прекарот „Готвачот на Путин“.

Јевгениј Пригожин (лево) му сервира специјалитет на Путин во ресторанот „Шевал блан“ во 2011 година /Фото: Misha Japaridze/Pool/File Photo / East2West News / Profimedia

Токму врските со офицерите и блискоста со Кремљ, а не професионалното искуство, го направиле Пригожин прв човек на моќна мрежа паравоени формации, тврдат аналитичари за „Форин полиси“. Вашингтон тврди дека Пригожин е врската помеѓу Министерството за одбрана и приватната компанија, чии оперативци тренираат заедно со регуларни руски специјалци во касарната во Молкино, во јужниот дел од земјата.

Параван што може да се демонтира

Кимберли Џој Мартен од Универзитетот Колумбија смета дека „Вагнер“ е идеална опција за Русија индиректно да управува со воени операции низ светот. Кремљ секогаш може да отфрла критики за воени операции на приватни компании во други земји, а нема одговорност ни на домашната сцена, како што се покажало откако стотици платеници на „Вагнер“ загинале на бојните полиња низ Сирија. Приватните воени компании, од друга страна, се незаконски во Русија и властите во секој момент може да спроведат рација и да ја затворат илегалната група ако се укаже потреба за тоа.

– Русија одговара дека таква група не постои и дека приватни воени групи се забранети со закон. Во Централна Африканска Република луѓето немаат поим со кого имаат работа и кому да се жалат – објаснува Сорча Меклауд, професорка по човекови права во Копнехаген и членка на работна група на ОН за платеници.

Единствената тужба против „Вагнер“ во Москва ја покренале роднините на Мухамад Таха ал Абдулах, Сириец кого руски платеници брутално го мачеле и му ја отсекле главата. Обвинети се шест мажи осомничени дека биле вмешани во убиството. Нема никакви информации до каде стигнала тужбата.

Истражувањата опасни по животот

Мозаикот за ликот на групата главно го составуваат новинари и аналитичари, одделенија на Обединетите нации и извештаи од влади, но и истражувачкото биро Досие центар, финансирано од своевремено најбогатиот руски бизнисмен Михаил Ходорковски, кој по отслужувањето на долгогодишната затворска казна сега живее во егзил во Лондон.

Руски истражувачки новинари ги жртвувале и сопствените животи за да откријат и објават информации. Група новинари што во 2018 година ја посетиле Централна Африканска Република за да известуваат за активностите на „Вагнер“ биле нападнати од заседа и биле убиени. Максим Бородин, кој пишувал за загинати платеници на „Вагнер“ во Сирија во 2018 година набрзо потоа загинал, паѓајќи од балконот на својот стан. Многумина други новинари добивале закани и заплашувања.

Името позајмено од прекар на потполковник

Освен активностите, мистериозно е и зошто групата го добила името „Вагнер“.

Името, неофицијално, е преземено од борбениот прекар на Дмитриј Уткин, поранешен потполковник во руската воена разузнавачка служба ГРУ и еден од првите командири на групата, вклучен во операциите во Украина. Уткин наводно им се восхитувал на германските нацисти и на Рихард Вагнер, омилениот композитор на Адолф Хитлер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот