
Залихи на гас: Дали Европа е подготвена за зимата?
Енергетската криза во Европа можеби се намалува, но заканите од тарифите на Доналд Трамп кон купувачите на руски гас се голема грижа. Oваа зима нема да има транзит на гас преку Украина, дали е тоа олеснување за Европа?
Брррр! Есенскиот студ полека се шири низ голем дел од Европа, најавувајќи голем мраз што доаѓа оваа зима.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
За среќа, Гас Инфраструктур Европа, здружението на гасните оператори, известува дека залихите на гас во Европската унија на 15 септември 2025 се малку над 80%, помалку од вообичаените 90% од последните неколку години, но подобро од 2021 година. Па, дали оваа зима ќе биде топла и пријатна или исполнета со неизвесност?
По целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022, земјите од ЕУ ги диверзифицираа снабдувањата со енергија, свртувајќи се кон течен природен гас (ТПГ) од Норвешка, САД и Катар, додека продолжија да ја забрзуваат употребата на обновливи извори на енергија, како сончевата и ветерната енергија.
Во последните две години, благодарение на зголемените капацитети, Европа успеа да ги наполни своите залихи на гас речиси целосно до септември, создавајќи дополнителна заштита за најстудените месеци. Се очекува и оваа зима залихите да останат солидни.
Натпревар за полнење на залихите
Откако ЕУ веќе не е во акутна енергетска криза, Брисел е подготвен да даде рок од уште еден месец, до 1 декември, за полнење на гасните залихи до 90% капацитет, доколку е потребно. Европа минатата зима исто така потроши повеќе од своите залихи на гас, оставајќи помал вишок од вообичаено.
Петрас Катинас, енергетски аналитичар во Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух, вели дека моменталните нивоа на складирање и алтернативните снабдувања создаваат „цврста заштита“ од нарушувања во снабдувањето. „Но, брзото трошење на гас и променливото време сепак може да предизвикаат привремени скокови на цените или локални недостатоци,“ изјави тој за ДВ.
Покрај внатрешната отпорност на Европа, условите во глобалното снабдување и стабилните цени ја поддржуваат енергетската подготвеност на блокот за зимата.
Според Том Марзек-Манзер од глобалната компанија за истражување и консултации Вуд Мекензи, светското снабдување со енергија е зголемено оваа година, додека побарувачката, особено за гас, е веројатно послаба.
„Тоа беше голема предност за полнењето на европските складишта ова лето, кое се одвива со добар ритам,“ изјави тој за ДВ.
И покрај ова, блокот останува ранлив на геополитички шокови, особено оние што произлегуваат од тарифите на Трамп.
Тарифите за руска енергија создаваат нова неизвесност
Претседателот на САД, Доналд Трамп, врши притисок врз Брисел да воведе санкции за купувачите на руска енергија, тврдејќи дека тоа ќе создаде дополнителен финансиски притисок врз Москва за да се заврши конфликтот што трае три и пол години.
Минатата недела, американскиот секретар за трезор, Скот Бесент, им порача на ЕУ и на групата на седум (Г7) богати земји да се приклучат на Вашингтон во воведувањето „значајни“ тарифи кон Кина и Индија за нивните енергетски договори со Москва.
Трамп го има известено Брисел дека САД би вовеле слични тарифи, при што се разгледува можност за стапка од 100%.
САД веќе воведе тарифи од 50% за Индија, 25% основни и дополнителни 25% за договорот со Москва во 2022 за купување поевтини хидрокарбони.
Сепак, Кина, која исто така ги зголеми набавките на руска енергија, има значително појак преговарачки став со Вашингтон по прашањето на тарифите, па Трамп сѐ уште не ја дефинирал стратегијата за енергетски тарифи кон втората најголема светска економија, додека преговорите се во тек.
Договорот за транзит на гас преку Украина имаше ограничено влијание
Истекувањето на договорот за транзит на гас меѓу Украина и Русија на 1 јануари донесе нови геополитички притисоци врз енергетското снабдување на Европа. Одлуката на Киев да не го продолжи договорот имаше и цел да ја пресече финансиската поддршка за војната на Русија.
Петгодишниот договор, што овозможуваше руски гас да тече кон запад преку украинските гасоводи, ефективно ја затвори една од последните главни рути кон ЕУ.
Првичните стравувања од скокови на цените и прекини во снабдувањето беа големи, особено во земји како Австрија, Словачка и Унгарија, кои беа повеќе зависни од рускиот гас преку гасовод. Цените на гасот достигнаа речиси 50% раст минатата година поради стравувањата од студеното време и намалените протоци.
Сепак, вистинското влијание на пазарот беше минимално. Западна Европа веќе ги диверзифицираше своите извори на енергија, а резервите во подземните складишта останаа силни пред почетокот на зимата.
„Падот во количините (преку Украина) не беше голем, иако некои земји, особено Словачка, мораа да ги преориентираат своите набавки,“ вели Том Марзек-Манзер. „Бидејќи беше очекуван, крајот на договорот за транзит преку Украина немаше големо влијание врз цените или снабдувањето.“
Цел за енергетска независност од Русија за две години
Откако ја преброди енергетската криза, ЕУ сега е во посилна позиција да ги диверзифицира последните руски хидрокарбонски снабдувања. Блокот веќе го намали увозот на руски гас од 45% на 19%, додека увозот на руска нафта опадна од 27% на почетокот на војната на само 3% минатата година, според Европската Комисија.
Во мај, Комисијата објави детална патна карта за целосна забрана на останатите увози на руски гас и течен природен гас до 2027 година. Планот бара државите-членки да достават национални планови за постепено укинување на рускиот гас до крајот на годината, што за некои земји може да биде предизвик.
„Балтичките земји одлично се одвојуваат од руските фосилни горива, додека Полска во голема мера го прекина увозот на руски гас“, рече Катинас за ДВ. Тој додаде дека напредокот на другите земји од Вишеградската група е „нееднаков“ поради недоволна диверзификација и инвестиции во обновливи извори.
Силните залихи на гас и разновидните снабдувачки линии ја засилуваат подготвеноста на ЕУ за зимата, но тарифните мерки на Трамп и непредвидливото време оставаат неизвесност. Цените на природниот гас веројатно нема да се искачат до екстремните од 2022 од речиси 340 евра за мегават-час (400 долари), но изолирани недостатоци може да предизвикаат привремени скокови.
Извор: Дојче веле/ Автор: Ник Мартин