Зајакната соработката на ЕУ со Вашингтон и Пекинг

Знамиња на Европската унија / Фото: МИА

Зајакнување на соработката на ЕУ со Вашингтон и Пекинг, продолжување на чекорите за проширување на Унијата, имплементацијата на Европскиот зелен договор според предвиденото темпо и создавање на „Зелен социјален договор“, се меѓу приоритетите наведени во Предлог-програмата на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) за изборите за Европарламентот во јуни годинава.

Изборниот манифест на ПЕС треба да биде усвоен на Изборниот конгрес на партијата, закажан за 2 март во Рим, до кога тој е предмет на расправа меѓу националните партии членки.

Во документот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, поголем фокус се става на надворешната политика на ЕУ, особено во заложбите за „обнова на договорите за соработка со трети земји“.

– Ќе ја зајакнеме соработката на ЕУ со САД и Кина, ќе изградиме ново рамноправно партнерство со глобалниот југ, кое ќе вклучува и нова Прогресивна агенда меѓу ЕУ и Латинска Америка и Партнерство меѓу Африка и ЕУ во сферата на економијата, зелената енергија, климатските промени, миграцијата и демократијата, се вели во текстот.

Во врска со соработката меѓу ЕУ и Кина, социјалистите експлицитно на поставуваат политички услови за зајакнување на врските со Пекинг, што претставува еден вид отстапување од досегашниот експлицитен став на ПЕС за условеност на меѓусебните односи со почитување на човековите права во земјата.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц утре ќе разговара со шефовите на владите на Западен Балкан и со еврокомесарот Оливер Вархеји за понатамошните чекори на регионот кон ЕУ.

Во манифестот се повикува на поддршка на понатамошните чекори за проширување на ЕУ и на европската одбранбена индустрија, како и на зајакната соработка во разузнавањето и кибер безбедноста, во светло на руската агресија врз Украина и новото геополитичко опкружување во соседството на Унијата.

Меѓу надворешнополитичките приоритети покрај продолжување на финансиската, дипломатската и воената поддршката на Украина, се наведени и заложбите за прекин на конфликтот на Блискиот Исток и за свикување на меѓународна мировна конференција со цел постигнување мир врз основа на решението за создавање на две држави – Израел и Палестина.

Во врска со надворешната политика, во документот на ПЕС се предлага одлуките да се носат со квалификувано мнозинство гласови, наместо со консензус.

– ЕУ мора да говори во еден глас за прашањата од надворешната политика и да се движи кон поголем број мнозински одлуки, се потенцира во Предлог-манифестот.

ПЕС инсистира на продолжување на имплементацијата на мерките од Европскиот зелен договор според предвиденото темпо, отфрлајќи ги идеите за „паузи“ во спроведувањето на еколошките политики, промовирани од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, кој припаѓа на либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ), како и од конзервативната Европска народна партија (ЕПП).

– Во трката за постигнување климатска неутралност, никој не смее да биде запоставен и не може да има паузи, се вели во документот, во кој се додава дека Зелениот договор мора да продолжи да се имплементира „со црвено срце“, при што движечка сила ќе претставува заштитата на животната средина и на биодиверзитетот.

Социјалистите како приоритет го посочуваат и креирање „квалитетни работни места за сите“ во рамки на концептот на „Зелен социјален договор“, со кој се поврзуваат зелената транзиција со европската социјална политика и правата на работниците.

Во исто време, ПЕС се противи на зајакнати мерки за штедење и предлага заедничко задолжување на ниво на Унијата во насока на поголема инвестициска способност на блокот и креирање на „амбициозен европски буџет“. Дополнително се предлага зголемено финансирање на проекти од заеднички европски интерес, како и создавање на „Инвестициски план за зелена и дигитална транзиција“, насочен кон „зајакнување на реиндустријализацијата“ и „спроведување на циркуларна економија“ во ЕУ.

ПЕС во манифестот ја потенцира и посветеност на спротивставувањето на напливот на екстремната десница, чии вредности се оценети како „непомирливи“ со оние на социјалистите. Од таму, соработката со партиите од екстремната десница се поставува како „црвена линија“ на ПЕС, преку кој нема преминување.

Во однос на идеите од некои десничарски лидери за рекомпонирање на сегашното мнозинство во Европскиот парламент на конзервативците, социјалдемократите и либералите, со здружување на партиите „десно од центарот“ по моделите што функционираат во неколку европски држави, ПЕС наведува дека создавањето на „десничарско мнозинство“ на ЕПП и либералите со екстремно десничарската група Идентитет и демократија и десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), би претставувало „сериозна закани за владеење на правото, слободата на медиумите и правата на жените, малцинствата, мигрантите, синдикатите и ЛГБТИ заедницата“.

Десетици илјади жени денеска протестираа во 40 австралиски градови, меѓу кои и во Канбера, против сексуалното насилство и половата нееднаквост

– Ги осудуваме конзервативните и либералните партии кои и овозможија на екстремната десница пристап до власта. Тоа е навреда за нашите вредности и нашата европска историја, се наведува во изборната програма на ПЕС.

Во тој контекст социјалистите најавуваат и „јасни правила и санкции“ со цел да се оневозможи финансирање од европските фондови на „автократските влади кои ги поткопуваат демократските институции и основните права“.

Во делот за заштита на основните права и вредности ПЕС ја нагласува и заложбата за борба против „онлајн насилството и вознемирувањето и говорот на омраза“.

Социјалистите дел од манифестот посветуваат и на вештачката интелигенција, за која се инсистира да биде „под човечка контрола“ за да може ЕУ да ја користи нејзината моќ, нагласувајќи дека „трката по профит од страна на големите технолошки компании не може да биде поважна од демократијата или условите за работа“.

Партијата на европските социјалисти (ПЕС) заедно со неколку помали левичарски и левоцентристички партии и независни пратеници во Европскиот парламент ја сочинуваат пратеничката група Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД), која во моментов има 141 мандат, што ја прави втора по големина групација по ЕПП.

Според последните анкети на јавното мислење, СД на европските избори во јуни би можела да се надева да освои меѓу 138 и 140 европратеници, со што и натаму би останала втора по бројност пратеничка група во ЕП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот