Загрижувачка состојбата во Велес: Бројот на заболени од ковид-19 далеку над просекот во земјава

Амбулантно возило /Фото: Архива на Слободен печат

На Инфективното одделение при велешката Општа болница се згрижени 47 пациенти од нив 37 се активни, а десет се сомнителни и чекаат резултати од тест, а на кислородна поддршка се 14.

Состојбата со заболени од Ковид-19 во Велес последниве денови е далеку над просекот во земјава и тоа треба сите сериозно да не загрижи, порача градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски на прес – конференција по денеска одржаната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување.

Тој апелира до граѓаните за да се спречи бранот на ширење на заразата во интерес на сопственото и здравјето на останатите граѓани строго да ги почитуваат препораките за заштита од Ковид-19 дадени од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, да држат растојание, да носат заштитна маска и да не се групираат. Коцевски воедно им порача да се воздржат и од масовно прослава на претстојните семејни слави и други прослави. Како причина на се поголемиот бран на ширење на заразата тој и овојпат го посочи и фактот што голем дел од граѓаните на Велес за работа патуваат до Скопје, Штип, Кавадарци, Куманово и други градови.

-Добра вест е што денеска има шест оздравени пациенти, информира Коцевски. Тој рече дека во Велес и велешко има 259 активни случаи на Ковид-19, од нив на домашно лекување се 226, а три се лекуваат во приватни клиники во Скопје.

На Инфективното одделение при велешката Општа болница се згрижени 47 пациенти од нив 37 се активни, а десет се сомнителни и чекаат резултати од тест, а на кислородна поддршка се 14. Од пациентите 40 се од Велес, петмина од Свети Николе и по еден од Струмица и Градско.

– Пациентите кои во овој период се згрижени во болницата се со средно тешки и тешки симптоми. Во болницата прават максимални напори да бидат обезбедени сите пациенти со цел се да се одвива беспрекорно и затоа јас упатувам благодарност до вработените во здравствените установи, рече Коцевски.

Тој информира дека досега во велешката болница починале 12 пациенти, како и дека седум лица од персоналот на болницата се позитивни на Ковид-19 и седум се сомнителни и се наоѓаат во изолација. Велешкиот градоначалник посочи дека за сите со сигурност може да се потврди дека се инфицирани од надвор, затоа што во болницата се придржуваат на сите мерки за заштита.

-Бидејќи постои загриженост кај граѓаните заради зголемување на бројот на пациенти со Ковид-19, би сакал да ја смирам ситуацијата и да им кажам дека здраствените институции ќе направат се што е нивна надлежност сите пациенти на кои ќе им биде неопходна лекарската помош да ја добијат и не треба да се грижат за тоа, порача Коцевски.

Воедно најави дека се размислува за обезбедување на алтернативни решенија со сместувачки капацитети за болните од Ковид-19 дали тоа ќе биде во Физикалното одделение кое е одделени од болницата или со активирање на Болницата во Јасеново, а според него не е важно каде и во која болница ќе биде, најважно е дека сите граѓани на кои ќе им биде потребна медицинска помош ќе бидат згрижени и лекувани.

Во Инфективното одделение во Велес денеска има 47 пациенти што е најмногу досега, а сместувачкиот капаците со проширувањето од пред некоја недела е 54 кревети.

Тој информира дека иако од скопските клиники биле побарани пет сестри и двајца лекари тие не биле испратени бидејќи се неопходни за пациентите на лекување во велешката болница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот