Заев до борците од првите линии со Ковид-19: Сите сме ви должни и благодарни

Заев им посака на сите пријатни претстојни празници со желба за здравје и успех во нивните работни задачи и им порача дека тие се хероите на нашето време.

Премиерот Зоран Заев денеска на состанок преку видео врска со претставниците на министерствата за здравство, внатрешни работи и за одбрана, како и припадниците на Црвениот Крст и Противпожарната бригада, кои изминатата година беа во првите редови во борбата и справување со кризата која произлезе од КОВИД-19, се заблагодари за придонесот во успешното менаџирање со кризата, информира владината прес-служба.

Заев, се наведува во соопштението, им посака на сите пријатни претстојни празници со желба за здравје и успех во нивните работни задачи и им порача дека тие се хероите на нашето време.

– Во оваа борба, за совладување на здравствената криза со пандемијата, во првите редови се вклучени лекарите и целиот медицински и друг помошен персонал во болниците, припадниците на МВР, нашите граѓани во униформа и цивилниот персонал на Армијата, волонтерите на Црвениот Крст и на другите хуманитарни организации, припадниците на противпожарните единици и сите останати вклучени во системот за справување со кризи. Сите вие, изминативе месеци, сте на првата линија во борбата со опасниот и непредвидлив вирус, притоа доведувајќи го сопственото и здравјето на своите блиски во опасност, истакнал премиерот Заев.

Директорката на Клиниката за инфективни болести и координаторот на ковид центрите на интерните клиники д-р Милена Стефановиќ и директорот на Клиниката за пулмологија д-р Дејан Докиќ го информираа премиерот за моменталната состојба во клиниките и ковид-центрите, оперативните планови кои се во функција и тековната координација околу очекуваното вакцинирање на популацијата со која ќе се стави крај на пандемијата.

Бригадирниот генерал Бесник Емини и потполковничката Елизабета Наумовска -етрески, пак, брифираа за моменталниот ангажман на Армијата и Министерството за одбрана чии припадници се распределени на стратешки локации и им помагаат на здравствените власти и полицијата цел овој изминат период успешно да ја менаџираат состојбата на терен.

– Армијата им припаѓа на граѓаните и тука е да служи на нивните потреби, целокупниот овој период припадниците помагаат и на терен но и во самите ковид центри со што се олеснува целокупниот притисок врз здравствениот систем, истакнаа Емини и Наумовска-Петрески.

Началникот на Бирото за јавна безбедност Благојчо Спасов, придружуван од неговите колеги од СВР Скопје и СВР Куманово  – Насер Ајдини и Пеце Скаклески, го информираа премиерот за моменталната состојба на терен, активностите на полицијата во спроведувањето на тековните задачи и задачите кои произлегуваат од одлуките на Владата за заштита на населението во услови на корона криза. Началникот на ЕИЈ од СВР-Скопје Скаклески  соопштил дека во тек на целата пандемија само на ниво на Скопје се исконтролирани и доставени околу 50.000 решенија за изолација и уште толку семејства и индивидуи се исконтролирани со што се спречува ширењето на вирусот и се штити населението.

На состанокот беа присутни и претставници на Црвениот Крст кои со преку 500 волонтери и мобилни тимови од почетокот на пандемијата се на терен и им помагаат на бездомниците, социјално загрозените семејства како и на граѓаните на кои им е потребна помош. Александра Ристовски, како координатор на програмите на Црвениот Крст, рекол дека како организација се постојано и активно вклучени во помош на локалното население но и во помош на МВР и Армијата во случаи каде што има мигранти кои ја поминуваат нашата територија и на кои им е потребна помош, но и скрининг преку кој се набљудува нивната здравствена состојба и блокирање на можност за инфицирање со КОВИД-19. Тука се и мобилните тимови на јужната и северната граница кои се постојано на терен и нудат помош и поддршка на граѓаните.

Командантот на противпожарната бригада – Владимир Симоновски, пак, информира за редовното работење на пожарникарите и нивните активности кои се ставени во функција на здравствениот систем, помош и поддршка на граѓаните во нивните дневни активности и потреби. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот