За ВМРО-ДПМНЕ власта нема план за надминување на кризата, економистите стравуваат од нови задолжувања и ребаланс

Денари
Денари / Фото: МИА

Неминовно ќе има нови задолжувања и ребаланс на Буџетот и веќе во септември ќе ги видиме последиците, односно промените што ќе ги претрпат прокламираните цели, смета поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. И во овој буџет, проектираните капитални расходи се преамбициозни и на терен неостварливи, согласен е економистот Павле Гацов

СДСМ нема план за надминување на кризата, Буџетот од 5,3 милијарди покажува само дека ќе нè задолжуваат колку што можат, оценија од ВМРО-ДПМНЕ по објавата колку ќе тежи државната каса за идната година.

„Дефицитот што го проектира Владата е рекордни 5 отсто и тој е речиси двојно поголем од растот, кој е проектиран на 2,9 отсто. Ваквиот дефицит во апсолутни бројки е цели 680 милиони евра, тоа се пари што не се обезбедуваат од приходи, туку со задолжување, кое во период на криза каква што имаме во светски рамки ќе биде сè поскапо, односно каматата што ќе се плаќа ќе биде огромна. Од досегашната практика на власта и односот со јавните финансии, можеме со сигурност да заклучиме дека ова ќе бидат 5,3 милијарди фрлени на непродуктивни трошоци, без никаков бенефит и без развојна компонента“, оценија од најголемата опозициска партија.

Првиот впечаток на поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини е дека секоја година буџетот сè повеќе расте, а тој оптимистички верувал дека тоа нема повторно да се случи. Во изјава за порталот Локално, Хајредини не се согласува со тврдењата на министерот за финансии Фатмир Бесими дека целта на новиот буџет е да се одржи економскиот раст, да се извршат обврските на државата и да се поддржат реформите и евроинтегративните процеси.

„Во споредба со сите држави од овој регион, Македонија оствари највисока стапка на инфлација и најниска стапка на економски раст. Исто така, само пред неколку недели беше презентирана проекција на раст за идните години со стапка од најмалку 5 отсто, а сега одеднаш за 2023 година се предвидува раст од само 2,9 отсто, а инфлација од 7 отсто“, посочува Хајредини. Ваквиот тек на чекори, според него, неминовно ќе доведе до нови задолжувања и до ребаланс на Буџетот и веќе во септември ќе ги видиме последиците, односно промените што ќе ги претрпат прокламираните цели.

Енергетската криза, инфлацијата, големите капитални расходи и високите кредитни обврски што достасуваат следната година се главните компоненти што влијаат врз проектирањата на Буџетот за 2023 година. Буџетот и овој пат не е креиран според можностите, односно прибраните приходи, поради што произлегува стандардното дефицитно буџетско финансирање, односно потребата од ново нето-задолжување, вели економистот Павле Гацов за Фактор.

– Вистинско стабилизирање на економијата, инфлацијата и енергетската криза е можно со намалување на политичките и на безбедносни турбуленции на европскиот континент. Засега вакво стабилизирање не е на повидок. Се смета дека 2023 година ќе биде година на нови задолжувања, странски, но и домашни, пред сè поради враќање на старите долгови, енергетската криза, но и поради најавените капитални проекти што треба да се финансираат од Буџетот. Трендот на зголемување на каматните стапки и високиот износ на дефицит што треба да биде финансиран со задолжување ќе влијаат врз зголемување на каматните стапки на долгот – вели Гацов. Според него, и во овој буџет проектираните капитални расходи се преамбициозни и на терен неостварливи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот