За Струга, ДУИ ќе си најде друг Мерко

Мерко, иако барем засега нема да се откаже од градоначалничката функција, извесно е дека тој повеќе нема да биде претседател на струшкиот огранок на ДУИ, ниту во септември или во октомври, за кога се најавува дека ќе се одржат изборите за Струга. Од партијата веќе токмат нов лидер за струшкиот огранок.

Рамиз Мерко ја заврши политичката кариера во ДУИ, без оглед на исходот од истрагите за него, откако тој се најде на црната листа на САД за наводи за вмешаност во корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од ДУИ. Мерко, иако барем засега нема да се откаже од градоначалничката функција, извесно е дека тој повеќе нема да биде претседател на струшкиот огранок на ДУИ, ниту во септември или во октомври, за кога се најавува дека ќе се одржат изборите за Струга. Од партијата веќе токмат нов лидер за струшкиот огранок. Освен Мерко, кој испадна од трката за претседател на струшкиот огранок, откако во партијата му е замрзнато членството, за претседатели на ограноци нема ниту еден кандидат од фракцијата на „огнените“.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на брифинг со новинарите рече дека е лична работа дали сопартиецот Рамиз Мерко ќе поднесе оставка од градоначалничката функција, бидејќи е избран од граѓаните. Тој одби да коментира дали ако тој се најде на црната листа, ќе поднесе оставка од претседател на Собранието. Џафери вели ако тоа се случи, тогаш ќе размислувам.

„САД се стратешки партнер во секаква смисла и секако дека сознанијата и пораките што ги испратија се пораки што треба да се земат предвид. Како претседател на Собранието немам причина да имам дилема за извештајот на Стејт департментот. За статусот на Мерко, тоа е лична работа на засегнатото лице. Тој се изјасни дека ги става во мирување сите активности во партијата и повика институциите да ги потврдат или да ги отфрлат наодите“, вели Џафери.

Според него, партијата не може априори да постапува, односно дека не може да го замрзне статусот на член ако тој самиот не побара.

„Ако се потврдат наодите од Стејт департментот, Мерко може да биде разрешен од партиска функција. За градоначалничката функција нема потреба јас да коментирам, тоа е друга власт, произлегува од граѓаните на директни избори. Друг коментар може да се сфати како мешање на властите. Јас сум претседател на Собранието и не можам да сугерирам кој што треба да прави. Тој е избран на избори и одговара пред граѓаните. Партијата не сугерира што ќе правите со себе. Институциите треба да постапуваат. Партијата не е башибозук, туку има Статут“, рече Џафери.

Според информациите, на 2 јули ДУИ ќе избира претседатели на 14-те ограноци, и тоа на Бутел, Чаир, Дебар, Кичево, Јегуновце, Крушево, Куманово, Липково, Битола, Петровец, Пласница, Преспа , Шуто Оризари и во Велес. Лани завршија изборите во 9 ограноци, а во септември или во октомври ќе има избори уште во девет ограноци, меѓу кои Струга, Сарај, Арачиново, Гази Баба. Впечатливо е дека освен во Струга, избор на нов претседател ќе нема ниту во огранокот на Сарај. Објаснувањето од партијата е дека во Сарај уште трае пререгистрацијата на членството. Неофицијално, Сарај е еден од проблематичните ограноци, бидејќи таму градоначалник е Блерим Беџети од „огнените“. Поради несогласувањата на „ахметистите“ и „огнените“, ДУИ таму и во Чаир назначи координатори, што според фракционерите е функција која не постои во партискиот Статут. „Огнените“ останаа надвор од процесот на внатрепартиски избори, бидејќи, како што велат, не сакаат да им дадат легитимитет на изборите што ги оценуваат како нестатутарни. Според „огнените“, спротивно на Статутот е гласањето да биде еден член еден глас, што за ДУИ е врв на демократијата.

Во пресрет на внатрепартиските избори на 2 јули „огнените“ и „ахметистите“ веќе влегоа во костец, односно градоначалникот на Чаир Висар Ганиу од „огнените“ пријави во МВР дека добил закани по живот од кандидатот за претседател на огранокот во Бутел Муарем Асани, кој пак демантираше дека им се заканувал на Ганиу и на Меџити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот