За пет години, имигрантските центри во Албанија ќе ја чинат Италија над 650 милиони евра

Премиерите Рама и Мелони на церемонијата во палатата Киги во Рим - Фотографија ЕПА, Џузепе Лами

Италијанската Влада конечно ги откри „картите“ за вистинското финансиско оптоварување за имигрантските центри што ќе се градат во Албанија, доколку Парламентот го надмине ќорсокакот предизвикан од суспензијата на ратификацијата на договорот од албанскиот Уставен суд, објави Топ чанел.

Повикувајќи се на италијанскиот весник „Република“ телевизијата додава дека трошоците ги надминуваат прогнозите, па дури и ја надминуваат „монструозната“ цифра од 650 милиони евра за пет години.

-На приближно 90 милиони евра се трошоците кои се веќе детализирани во нацртот одобрен од италијанскиот министерски совет, а министерството за финансии треба да стави печат на фактурата за 2024 година (89 милиони) а по 118 милиони годишно ќе бидат фактурите од 2025 до 2028 година, пишува „Република“.

Трошоците што ќе ги покрие италијанската држава се однесуваат од трошоците за користење на вооружените сили и полицијата за надворешната безбедност на центрите до трошоците за болничка помош; лекови, вакцини, медицинска опрема и слично, но и пари за возила, гориво, струја, вода, како и сметки за законски процедури. Италија ќе биде одговорна и за трошоците за храна.

Премиерот Еди Рама и италијанскиот премиер Џорџа Мелони на 6 ноември во Рим го потпишаа договорот за изградба во Албанија на два центра за имигранти.

Според договорот, пристаниште каде ќе прстигнуваат имигрантите ќе биде Шенѓин, каде ќе се гради прифатен центар, а во Ѓадр, поранешна, а сега напуштена воена база, ќе се гради кампот за нивно сместување. Максималниот капацитет не може да биде повеќе од три илјади имигранти месечно, односно 36 илјади годишно.

Времетраењето на договорот ќе биде пет години, но тој може автоматски да се продолжи за уште пет години доколку една од страните, најмалку шест месеци пред истекот на датумот не побара да не се обновува истиот.

Ратификацијата на договорот албанскиот Парламент ја стави на дневен ред за седницата во четвртокот, но по одлуката на Уставниот суд, во средата вечерта, за суспендирање на истата, точката на дневен ред беше повлечена. Судот расправата по договорот ја закажа за 18-ти идниот месец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот