За ист оглас аплицирал трипати со различна националност

Администрација

Правична застапеност при вработувањата мора да има, но не како што се прави сега, покажува истражувањето на Центарот за управување со промени. Евидентирани се низа неправилности, како што е менување на национална припадност само за да се влезе во „балансерот“, пополнување работни места со помалку квалификуван кадар…

Дури 76,2 проценти од анкетираните испитаници одговориле дека лошо ја оценуваат досегашната практика на вработување според начелото на соодветна и правична застапеност, покажува анкетата што ја спроведе Центарот за управување со промени, во рамките на анализата за следењето на соодветната и правична застапеност во институциите од јавниот сектор. Но, на прашањето: „Дали сметате дека правичната застапеност во администрацијата треба да го отсликува етичкиот карактер на земјата, под услов да се исполнети останатите услови за вработување (образование, работно искуство и сл.)?“ – 50,8 отсто од испитаниците одговориле со „да“, 33,1 процент одговориле со „не“, 2,2 отсто одбиле да одговорат, а 13,9 отсто одговориле со „не знам“ .

„Од приложеното може да се види дека поголемиот дел од испитаниците (50,8%) немаат против да се применува соодветна и правична застапеност при вработување (во однос на 31,1% што се против) ако кандидатите ги исполниле сите останати услови. Но, огромно мнозинство (76,2%) сметаат дека досегашната практика на постигнување на соодветна и правична застапеност е лоша“, пишува во Извештајот.

Покрај анкета за испитување на јавното мислење, тие спровеле и анкетирање и на претставници од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Агенцијата за унапредување на правата на заедниците, Министерството за информатичко општество и јавна администрација, Канцеларијата на Народниот правобранител и граѓанскиот сектор. Направени се и споредбени анализи со други земја.

Истражувањето покажало дека е можна злоупотреба на примената на „балансерот“ според кој се утврдува процентот на затапеност, затоа што не постои можност да се докаже нечија етничка припадност.

– При аплицирањето доволно е некој да се изјасни дека е Македонец, Албанец , Србин… Ние евидентиравме случај каде за еден ист оглас, еден ист човек се јавува со три апликации со различна етничка припадност. Ова треба некако да се реши. На пример, ги испитувавме искуствата во Јужен Тирол во Италија. Имаме сличен, но и различен систем. Таму се пополнуваат декларации за припадност и тие не може да се менуваат 5 години – вели Југослав Ѓорѓиевски, истражувач.

 Треба ли да бидат пресудни процентите?

 

Неда Малеска Сачмароска, извршен директор на Центарот за управување со промени, децидна е дека мора да има правична застапеност во јавниот сектор, но дека на начинот на кој тоа се прави, идентификувани се низа проблеми.

– Според Извештајот од Регистарот на вработените во јавниот сектор за 2022 година, што го води Министерството за информатичко општество и администрација, на 31 декември 2022 година 71,36 проценти од вработените биле Македонци; 21,6 Албанци, 2,4 Турци, 1,49 Роми; 1,4 проценти Срби. Изразено во бројки, зголемена е застапеноста на немнозинските заедници во јавниот сектор во споредба со претходните години. За илустрација, во 2007 година Албанците биле застапени со 10,8 проценти. Но, прашање е дали треба да се вулгаризира целата оваа работа и да се гледа само низ бројки. Еве и ако ја погледате структурата на населението низ податоците од Државниот завод за ревизија, ние немаме толку стручен кадар за да се раководиме само по „балансерот“. На тој начин не креираме стручна администрација, туку недоволно едуцирана – вели Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на Центарот за управување со промени.

Исто така, како посебно нагласен проблем е „мобилноста“ што се случува за да се запази правичната застапеност на етничките заедници.

 И дијаспората влезе во „балансерот“ за вработување

 

„Балансерот“ почна да се применува од 2016 година, но и претходно, веднаш по Охридскиот рамковен договор, имаше метод за правична застапеност при вработувањата. Според „балансерот“, во органите на централната власт треба да се постигне вработеност колкаво што е процентуалното учество на етничките заедници во пописот, додека во институциите на локално ниво колку што е процентуалното учество на етничките заедници во одделните општини. По Пописот од 2021 година се применуваат новите бројки, но притоа, освен резидентното население, се смета и нерезидентното. Така, учеството на Албанците при вработувањето треба да биде околу 30 проценти во целиот јавен сектор.
„Многу често, за изигрување на балансерот се користи мобилноста, односно ако институцијата не може да вработи припадник на определена заедница поради годишниот план, тогаш тоа лице се вработува во друга институција во која има планирано работни места за таа заедница, за потоа со преземање да се префрли во институцијата што поради балансерот не можела директно да го вработи“, пишува во Извештајот.
Истражувачите констатираа дека правична застапеност сè уште е на штета на помалите етнички заедници.

Немаме многубројна администрација туку неефикасна

 

Во администрацијата има околу 130.000 вработени и таа според бројот на жители и според европските практики не е многубројна, но не е доволно ефикасна, тврди Југослав Ѓорѓиевски, истражувач од Центарот за управување со промени.

– Во Словенија, која ни е слична по големина, има поголема администрација. Кај нас онаа администрација со која најмногу сме во контакт, сочинува 12.000 вработени, а во Словенија таа бројка е 30.000 вработени – вели Ѓорѓиевски.

Тој вели дека кај нас проблемот е таму каде што во јавниот сектор треба да има повеќе вработени, има помалку, додека има превработеност на некои места каде што нема потреба од таков кадар.

– Долго време се зборува за реформа во јавната администрација и таа е неопходна, но сè уште не се спроведува – оценува Ѓорѓиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот