Време за промени

Благојче Атанасоски

ие, земјите од Западен Балкан, и ЕУ функционираме како во врска во која и двете страни сме уморни по долгогодишно ,,одење“ и не сакаме да влеземе во брак (да нè примат формално во ЕУ), но и не сакаме „да раскинеме“ т. е. отворено да ни кажат дека никогаш нема да нè примат. Има ли полошо од тоа да не знаете на што сте?

Победата на крајната десница во Италија, партија што многумина ја поврзуваат со наследството на фашистичката партија на Бенито Мусолини од Втората светска војна, ни укажува дека одамна ѓаволот ја однел шегата на стариот континент. Пред тоа, големиот успех на Марин Ле Пен во Франција, која не победува поради изборниот модел во Франција, како еден вид брана и пречка за вакви во суштина клето-фашистички структури, но и изненадувачките резултати на крајно националистички партии во утврдени и заокружени демократии од типот на скандинавските, покажува дека самата Европа, односно Европската Унија како наднационален систем, е во еден вид стагнација. Или, уште пострашно, во декаденција.
Нема полошо од тоа да не знаете што да правите со самите себеси во еден обичен живот, не, пак, да не знаете што да правите со себеси ако сте мултинационална, политичка надорганизација, која секогаш мора да има зацртан план, цели и прогресивна траекторија по која ќе се движи во иднината, како еден перпетуирачки модел, потребен за одржување. Примерите со поранешните сложени федеративни системи од типот на Југославија и СССР, кои се распаднаа како кула од карти, ни се еклатантен доказ дека кога ќе се испразните од суштината, од движечкиот потенцијал и од атрактивноста, тогаш неминовно ќе следува распад. Бидејќи тестот на времето сте го положиле, но истото тоа време потоа ве прегазило во согласност со новите тенденции и современости.

ЕУ под итно мора да се реформира

Не сакам да звучам како фаталист, да ширам еуфобија и да предвидувам крах и урушување на самата Европска Унија, но мораме рационално да ги погледнеме работите. По големото проширување од 2004 година, кога ЕУ ги помести границите на крајниот исток на континентот и со тоа речиси за двојно го зголеми бројот на земјите членки, понатаму како да го изгуби својот апсорпциски капацитет, ја изгуби моќта на привлечноста и стана организација што се затвори сама во себе. Понатаму следуваа само приемот на Бугарија и Романија (2007), повеќе од геополитички причини, а не како награда за трансформацијата на овие црноморски балкански држави и на Хрватска, како последна земја од Балканот на која ѝ беше дозволено да „го прејде Рубиконот“. Речиси две децении од Солунскиот самит во 2003 година ние постојано ги слушаме оние ветувачки ЕУ-фрази со кои нè убедуваат дека европската иднина на државите од т.н. Западен Балкан е предвидлива и – толку.
Вистина, преостанатите држави од Балканскиот Полуостров не покажаа голема волја и енергија да се реформираат и да ги исполнат предвидените Копенхашки критериуми, како формално-правен услов за прием во Унијата, но и самата ЕУ воопшто не покажа елан да биде локомотивата што ќе го влече овој заостанат регион во Европа на патот кон „благосостојбата“. Како да им одговараше и на корумпираните балкански елити да не ги реформираат своите општества за да не бидат ставени во институционални рамки во кои тие можеби ќе одговараат за своите криминали, но и како да ѝ одговараше и на самата европска политичка елита да не држи сè уште во ова „буре барут“, бидејќи Унијата веќе не сака да го шири својот концепт, отворено изјавувајќи дека и ЕУ-27 е преголема и обемна организација, тешка за одржување и функционирање. Но, тоа не е наш проблем.
Всушност ние (земјите од Западен Балкан) и ЕУ функционираме како во некоја врска во која и двете страни сме уморени по долгогодишно „одење“ и сме во ситуација во која не сакаме да влеземе во брак (да нè примат формално во ЕУ), но и не сакаме „да раскинеме“, т. е. отворено да ни кажат дека никогаш нема да нè примат. Има ли полошо од тоа да не знаете на што сте? Има ли полошо од тоа сами меѓу себе да се лажеме и сами да си веруваме? Или веќе ниту си веруваме. Не знам, но знам дека ова веќе не може да оди во недоглед.
Војната, односно руската агресија врз Украина, ги менува сите геополитички околности во кои ЕУ мора да земе улога во креирањето на новиот меѓународен свет и поредок, односно да ја преземе одговорноста на свои плеќи. Најлесно е со излитени фрази и со празни реторички зборови да општите, а во практика односно на дело воопшто да не се покажете. Правите двојна дополнителна штета. Ем ја зголемувате фрустрацијата од тоа неправење ништо, ем дозволувате вашиот геополитички конкурент, да не речам геополитички архинепријател, да „ги преземе работите во своите раце“ и да делува на ваша штета, во негова корист.

Бесрамна неевропска политика кон Македонија

Отсекогаш сум бил човек што ги објаснувал реалполитичките односи во меѓународниот суров свет на интереси и моќ, одошто да се жалам над непринципиелната судбина на Македонија и нејзините донкихотски, танталови маки за полноправно членство во Унијата. И сум велел дека животот што го живееме е суров, не пак меѓународните политички односи во кои општат државите во меѓународниот сообраќај. Сепак, беневолентноста на европските високи челници, нивната крутост и ладност кон нашето право да се интегрираме во Унијата како Македонци што говорат македонски јазик, ми дава за право да критикувам – „што е многу, многу е“.
Како еден од главните критичари на т.н. „француски предлог“ велев дека ЕУ свесно ќе го билатерализира нашиот „проблем“ со источниот сосед и ќе го постави во ЕУ институционални рамки во кои ќе се изгубиме по патот, лечејќи ги историските комплекси и фрустрации на Бугарите кон нас. Освен бенигниот извештај што се преповторува секоја година со речиси копи пејст истите забелешки, гледаме дека ЕУ функционерите им даваат многу повеќе приоритет на политичките услови (вметнување на Бугарите во Уставот), одошто на реформа на судско-обвинителскиот систем, на пример. Дефинитивно, дојдено е времето за промени. И од нивна, но и од наша страна. Мора некој прв да почне, да „повлече нога“, што се вели. Најлошо ќе биде и во наредните 20 години да функционираме по истиот принцип како досега. Сами да се лажеме, сами да си веруваме.

Авторот е политиколог

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот