Фото: Wikimedia Commons

Вратоврската не е толку безопасна како што изгледа, може да го наруши дотокот на крв во мозокот

Вратоврските не се само моден додаток или симбол на професионализам – истражувањата покажуваат дека тие можат да бидат и изненадувачки штетни за вашето здравје.

„Во многу професии, кодексот на облекување вклучува задолжително носење вратоврска, иако мошне малку се знае за ефектот на ова ‘социјално пожелно гушење’“, напишале во 2018 година истражувачите од Универзитетската болница Шлезвиг-Холштејн во Германија, кои го проучувале протокот на крв низ мозокот, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).

Намален проток на крв во мозокот

Во истражувањето, 30 здрави мажи биле поделени во две групи: во првата група, мажите носеле вратоврска врзана до блага непријатност, додека втората (контролна група) имала отворена јака без вратоврска.

Во обете групи, со помош на магнетната резонанца го мереле протокот на крвта низ мозокот.

Се покажало дека мажите во групата со цврсто врзана вратоврска имале просечно 7,8 отсто помалку проток на крвта во мозокот, а во некои случаи и до 10 отсто помалку, во споредба со контролната група.

Таквото намалување на проток на крв во мозокот веќе може да предизвика главоболки, вртоглавица и гадење.

Иако кај здрави лица ова краткорочно намалување е малку веројатно да предизвика сериозни проблеми, долгорочното или посилното ограничување на протокот на крвта може да доведе до посериозни состојби, велат истражувачите.

Тие исто така истакнале дека се потребни дополнителни истражувања за да се донесат конечни заклучоци.

Фото: Wikimedia Commons

Опасност од развој на глауком?

Цврсто врзаните вратоврски можат да го зголемат притисокот во очите, што може да биде проблематично за луѓето со очни болести, покажуваат некои истражувања.

Особено глаукомот – болест поврзана со зголемен очен притисок – може да се влоши или побрзо да се развие поради носење вратоврска, наведува студијата објавена во 2003 година од британски истражувачи.

Некои последователни студии не го потврдија ова целосно, додека други покажаа дека можеби постои зголемен ризик од зголемениот очен притисок кај луѓе кои често носат премногу тесни вратоврски, како и кај оние на кои веќе им е дијагностициран глауком.

Резервоар на микроби

Истражувањата, исто така, покажале дека вратоврските можат да дејствуваат како преносители на бактерии и други патогени.

Потенцијалните здравствени проблеми поврзани со носењето вратоврска можат лесно да се избегнат: не треба да се врзува премногу цврсто околу вратот, треба да се менува и пере почесто – или едноставно да престанете да ја носите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот