Војна во Украина: Што се случуваше во Мариупол?

мариупол
Бомбардирана болница во Мариупол/ Фото: EyePress News / Shutterstock Editorial / Profimedia

Руската опсада на украинскиот пристаништен град Мариупол започна пред неполни две години. Хуманитарните организации истражуваа што се случувало за време на опсадата. Еден од сведоците е осумгодишниот Јехор.

Недела, 3 мај: „Добро спиев, се разбудив, се смеев, станав и ја прочитав мојата книга на 25-тата страница. Дедо ми е мртов, јас имам рана на грбот, кожата ми ја нема. Сестрата има повреди на главата, а мама повеќе нема месо на раката и има дупка во ногата“.

Понеделник, 4 мај: „Баба отиде да земе вода и се врати. Впрочем, наскоро ми е роденден. Јас имам осум години, сестра ми има 15, а мајка ми 38 и потребни ѝ се завои. Моите две кучиња загинаа. Исто како баба ми Хаља и мојот омилен град Мариупол“.

Ова осумгодишниот Јехор го напиша во својот дневник за време на руската опсада на Мариупол.

Со недели под постојан оган

Записите на Јехор ги спасил неговиот братучед, фотографот Евгени Сосновски. Тој живеел со сопругата Свитлана во стан во повеќекатница во центарот на украинскиот пристаништен град Мариупол.

„Имав нормален, удобен живот“, вели 60-годишникот. „Имав стан, работа, имав хоби“.

А тогаш, на 24 февруари 2022 година, Русија донесе војна во Мариупол и со тоа го наруши животот на Сосновски. Со недели жителите на градот живееја под постојан оган од руската армија. Немаше струја, вода, гас. Луѓето некако успеаја да го обезбедат најнеопходното. Русија со месеци го држеше под опсада тој град. Илјадници цивили загинаа во нападите или како последица на болести или повреди.

Детали од страдањата сè уште се непознати

Тешко е да се каже што се случи за време на повеќемесечната опсада и како изгледа животот на украинските мажи и жени по анексијата на Мариупол, што е спротивно на меѓународното право. Бидејќи Мариупол е под руска контрола, украинските власти и меѓународните истражители немаат пристап до градот.

Украинската невладина организација „Трут Хаундс“, заедно со организациите Хјуман Рајтс Воч и „СИТУ Рисрч“, макотрпно собираа докази за бруталните руски постапки. Таа интервјуираше жители на градот, собра и анализираше стотици фотографии, видеа и сателитски снимки. Нејзиниот извештај е стравотен.

Најмалку 8.000 луѓе загинаа во руските напади на Мариупол. Тој број, меѓутоа, веројатно е многу поголем, бидејќи во некои гробови се закопани повеќе луѓе, а некои гробни места можеби сè уште не се ни идентификувани. Украина тврди дека се убиени десетици илјади луѓе, но не може да наведе точни бројки.

Извештај за разурнувањето

Една од оние кои истражуваа за „Трут Хаундс“ е адвокатката Марина Слободјањук. Таа го предводеше истражувањето и со години ги гони воените злосторници.

„Не беше првпат да слушнам за бомбардирање“, вели таа.

„Но, никогаш во мојот живот не сум слушнала за таков обем на разурнување и за целни напади врз цивили“. Марина Слободјањук се надева дека, благодарение на нејзините докази, еден ден одговорните за овие ужаси ќе завршат пред Меѓународниот суд на правдата. Сите докази се тука, и некој би требало само да ги собере, вели таа и додава дека токму затоа нејзиниот извештај е толку важен.

Во заедничкиот извештај на трите организации детално се евидентирани бројни „руски напади кои се очигледно спротивни на меѓународното право“. Меѓу нив се руските напади врз две болници, врз познат градски театар, врз магацин со храна, врз место каде се делела хуманитарна помош, врз супермаркет, како и врз станбена зграда која служела како засолниште во итни случаи.

Уништени се речиси сите станбени згради, училишта, болници

Во извештајот натаму се наведува:

„Во ниту еден од тие случаи не најдовме докази дека украинската војска била во зградите што беа нападнати или, пак, во нивна близина. Затоа овие напади се произволни и со тоа и нелегални. Или ако најдевме ограничено воено присуство, тогаш нападот беше непропорционален и со тоа веројатно и нелегален“.

Во заедничкиот извештај организациите успеаја да покажат „дека Русија го оневозможила животот на луѓето во градот“, вели Слободјањук. Тоа не беа само напади, туку Русија ги напаѓаше цивилите „со сето замисливо оружје“.

Во извештајот се наведува дека до крајот на опсадата во средината на мај 2022 година, се уништени 93 отсто од сите станбени повеќекатници во центарот на градот, сите 19 медицински установи, како и 86 од вкупно 89 училишта во Мариупол.

Спомени од детството во војна

Евгени Сосновски ги преживеа нападите. Вели дека притоа најмногу му помогнала работата како фотограф. Ако умрат сите, треба да остане нешто од нив, си помислувал. Така и почнал да го фотографира животот под рускиот оган и опсадата.

Овие фотографии ги раскажуваат приказните на луѓето во страшното секојдневие за време на бруталната агресија. Тука е и приказната и за неговиот внук Јехор.

„Не знам каде ја најдов таа тетратка“, вели Сосновски. „Можеби некој ја изгубил“.

„Му го дадов на детето, на Јехор, кога бевме во подрумот“, раскажува тој, „за да може да нацрта нешто таму, да има детето со што да се забавува и да му го одвлече вниманието од сè што се случуваше околу него“. Но, Јехор не цртал. Возрасните го забележале тоа дури подоцна. Јехор имено пишувал дневник. Тоа што го запишал повторно го расплакува неговиот роднина. Ова се спомени од детството во војна.

Со дозвола на Јехор, Сосновски го фотографирал неговиот дневник и тие фотографии ги објавил на Фејсбук. Кога морале да побегнат, сè што можел да земе биле мемориски дискови со фотографии.

„Тоа ми се покажа како најголема вредност“, вели Сосновски.

Сите други предмети ќе може повторно да се направат или да се набавуваат, но фотографиите нема. Фотографиите на хартија изгореа, но не и оние зачувани на дискови.

Тие ја раскажуваат приказната за неговиот град Мариупол, со неговите украински жители. Ова се приказни од пред агресорската војна. И приказни за време на таа војна.

Извор: Дојче Веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот