Во Тетово треба да се распишат повторни избори за советници!?

Локални избори 2021 во ОУ „Лирија“, Тетово / Фото: Слободен печат - Mарија Весова

Согласно Законот за локална самоуправа, Советот на општината се распушта доколку до 31 март наредната година не го одобри буџетот и завршната буџетска сметка за минатата година. Владата е должна да одлучи за распуштање на Советот на општината, додека се распишат новите избори во согласност со Изборниот законик.

Во Тетово може повторно да бидат распишани избори за советници, бидејќи општинската администрација навреме не го доставила буџетот и завршната сметка до Министерството за финансии, што според законскиот рок требаше да биде направено до 31 март, велат извори во Општината за „Слободен печат“.

– Одложувањата доаѓаат оттаму, бидејќи е надминат секој датум за достава на истиот. Сега, според Законот мора да одиме на нови избори за Советот. Нема врска со бројки или блокирање на работата на Советот од која било друга партија. Тоа е непочитување на законот во рамките на општинската администрација – вели нашиот извор.

Согласно Законот за локална самоуправа, Советот на општината се распушта доколку до 31 март наредната година не го одобри буџетот и завршната буџетска сметка за минатата година. Владата е должна да одлучи за распуштање на Советот на општината додека се распишат новите избори во согласност со Изборниот законик. По распуштањето на советот, до изборот на нов Совет, неговата улога ја презема градоначалникот на општината, но не смее да носи одлуки како промена на статут, носење буџет итн.

Од друга страна, ситуацијата е комплицирана и со мнозинството во Советот на општина Тетово. Како резултат на незадоволството на независните советници од листата „Подобо за Тетово и барањето на советниците на ДУИ за отчет од градоначалникот Билал Касами, пропадна 10. седница на Советот на општина Тетово на 27 април.

Советниците од листата „Подобро за Тетово“ бараат одговорност од градоначалникот на Тетово за сечењето дрвја на улицата „Страшо Пинџур“ во Тетово. Општина Тетово одлучи да се исечат сите дрвја на улицата „Страшо Пинџур“ за да може да продолжат градежните работи на улицата кои беа во прекин шест месеци, додека советниците од независната листа побараа елаборати и оправдување за сечата. Истовремено, советниците на ДУИ бараат да се стави на дневен ред точка која се однесува на потпишувањето на договорот меѓу општина Тетово и приватна Агенција за вработување „Џоб2011“ во вредност од 300.000 евра.

Претседателот на Советот на општина Тетово Бесар Дурмиши вели дека има и други прашања за кои треба да се разговара и дека советничките групи треба да седнат и да се договорат за дневниот ред.

Седницата на Советот на општина Тетово е откажана бидејќи не помина дневниот ред. Гласовите во Советот беа поделени 15 напрема 15, бидејќи еден советник од БЕСА е именуван за началник за урбанизам, па го врати мандатот, а советниците од листата „Подобро за Тетово“ поради сечата на  дрвата на улицата „Страшо Пинџур“ гласаа против. Мнозинството во Советот на општина Тетово го сочинуваа Движењето БЕСА, Алијансата за Албанците, листата „Подобро за Тетово“ и ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот