Во Србија од денеска дозволено слободно движење на возила со косовски РКС регистарски таблички

Согласно одлуката на Владата на Србија од 25 декември минатата година, на територијата на Србија од денеска е овозможено слободно движење на возила со косовски „РКС“ регистарски таблички.

Како што претходно најави директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, Владата на Србија донела ваква одлука „за да им помогне на Србите од Косово“, пренесе Бета.

Објавувајќи ја одлуката за медиумите, тој рече дека тоа е дополнителен импулс за иницијативата „Отворен Балкан“, која ќе им го олесни животот на Србите кои живеат на Косово, „бидејќи тие најмногу ги користат административните премини“.

Одлуката на Владата на Србија да ги признае табличките „РКС“ беше донесена веднаш откако Србите кои живеат во општините на северот на Косово во голема мера ги заменија претходно неутралните таблички „КС“ на УНМИК, како и табличките издадени од Министерството за внатрешни работи на Србија со имиња на градови во Косово, со регистарски таблички издадени од властите во Приштина.

Петковиќ рече дека не е тајна дека 99 отсто од Србите на Косово користат регистарски таблички РКС (Република Косово), бидејќи тоа е единствениот начин да се движат низ Косово.

Според податоците на Владата на Косово, од 1 ноември до 14 декември 3.405 граѓани ги смениле регистарските таблички во „РКС“, од кои повеќето во општините Северна Митровица и Лепосавиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот