Во пресрет на замрзнувањето на цените на зеленчукот и овошјето: Пазарџиите се подготвуваат за тивок бојкот

Домати краставици цени во маркети / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Дел од продавачите со кои разговаравме на зелените пазари, велат дека производите ги купиле по повисока цена од замрзнатата и дека ќе ги повлечат од тезгите

Зелените пазари бројат ситно до моментот кога треба да почнат да го продаваат зеленчукот и овошјето по замрзнати цени. Иако, вторник е пазарен ден, обиколката која ја направи екипата на „Слободен печат“, покажа дека ја нема вообичаената раздвиженост, а пазарџиите се шегуваа дека граѓаните чекаат да им поевтини стоката. Дел од тезгаџиите кои нудат сопствено производство се спокојни, оти нив не ги фаќаат максимизираните цени, но оние кои продаваат увозен зеленчук и овошје, брифираат дека потегот на власта е неразумен и дека тие се последната алка на прехранбениот синџир.

Неофицијално, дознаваме дека оние кои во вторникот наутро заминале на Кванташкиот пазар во Скопје, наишле на затворени врати. Понудата на свежи производи, била десеткувана, оти трговците на големо отворено зборувале дека не им се исплаќа да ја продаваат стоката по цените за кои ги задолжи Владата. Продавачите на зелените пазари се збунети и меѓусебе се консултираат како ќе работат од 5 април. Се плашат од контролите на инспекцијата, иако ним ќе им се проверуваат маржите на мало. Дел од нив веќе ги имаа тргнато досегашните цени на гравот, леќата, доматите, пиперките, краставиците.

Сепак советуваат кој што може да си набави поголемо количество зеленчук и овошје, оти „тивкиот бојкот“ на увозниците може да потрае, а веќе се шират муабети дека дел од стоката, како на пример гравот, наместо на тезга ќе си го чуваат дома. Голема загриженост владее и за фактот од каде ќе се набавува свеж зарзават, затоа што од некогаш дваесетте активни оранжерии во Струмичко, денес работат само три. Сите патишта ќе водат кон Струмица, ама прашање е колку домашните производители се подготвени да го снабдат пазарот, бидејќи најголемиот дел оди за извоз, додаваат тезгаџиите.

-Земи си краставици, домати… утре ќе ги нема – не советуваше една пазарџика. Таа вели дека дел од нејзините колеги се вратиле со празни раце од Кванташки, оти немало речиси ништо.

-Ние сме последни за контрола. Проблемот е кај увозниците, односно кај нивните фактури. Прво тие нека се проверат. Мене не ми се исплаќа да го продавам гравот по 75 денари за килограм, бидејќи го набавив по таа цена. Денес ги тргнав цените, за утре ќе видиме. Сите се збунети. Како ќе не контролираат- додава еден пазарџија.

-Како да ги продавам доматите по 70 денари за килограм? Дали се размислува каква штета ќе се направи. Кванташки е празен, до масовното домашно производство има време, а во наредните денови сосема сигурно ќе има недостиг од свежи производи. Слична беше состојбата и со првото замрзнување на зеленчукот и овошјето, кога трговците на големо ги затворија магацините, затоа сме скептични како ќе биде сега – велат тезгаџиите.

Владата во понеделникот одлучи да се намалат и замрзнат цените на 11 видови овошје и зеленчук. Цените на доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, зелените пиперки, гравот, леќата, бананите, портокалите, мандарините и лимонот ќе бидат ограничени од 5 април до крајот на овој месец, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој појасни дека според анализите на Министерството за земјоделство, како и на Царинската управа, утврдено е дека маржите за тие видови овошје и зеленчук достигнале до 200 и 250 проценти во текот на март, а посочи дека Владата одлучила да ги ограничи на 40 проценти.

Од 5 до 30 април доматите во продавниците, маркетите и пазарите не можат да се продаваат по цена повисока од 70 денари, краставиците не можат да бидат поскапи од 75 денари, кромидот од 60 денари, карфиолот од 70 денари, гравот од 75 денари, леќата од 110 денари, бананите од 70 денари, портокалите од 55 денари, мандариниите од 60 денари и лимоните не поскапи од 55 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот