Фото: Архива

Во пензионерските домови се сместени 368 лица, педесетина сè уште чекаат

Цената на закупнината се движи од 18 денари за метар квадратен во пензионерскиот дом во Свети Николе, до 23 денари за сместување во домовите во Скопје. Становите се од 16 до 40 квадрати, што значи дека најскапата месечна кирија би била 920 денари, што е значајно со оглед дека најголемиот дел од пензионерите имаат ниски примања и не можат да си дозволат класичен закуп на стан

Постарите граѓани што се вели „сè уште се на нога“ и може сами да се грижат за себе, но немаат свој дом, може да се сместат во пензионерските домови. Од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија за „Слободен печат“ велат дека во моментов во нив со договор се сместени 368 лица.

Фондот управува со 14 пензионерски дома, во кои има 380 стана, и тоа во: Делчево, Виница, Гевгелија, Гостивар (два дома), Кочани, Крива Паланка, Куманово, Прилеп, Свети Николе и Скопје (четири дома во општините Аеродром, Автокоманда, Ѓорче Петров и Чаир). Во моментов на листата на чекање се наоѓаат педесетина граѓани, а пред склучување договор за сместување се седум лица од ранг-листата кои ги исполнуваат условите, додаваат од ПИОМ. Цената на закупнината ја утврдува Управниот одбор на Фондот и се движи од 18 денари за метар квадратен за сместување во пензионерскиот дом во Свети Николе, до 23 денари за сместување во домовите во Скопје.

Становите се од 16 до 40 квадрати, што значи дека најскапата месечна кирија би била 920 денари. Ова е многу значајно со оглед дека најголемиот дел од пензионерите имаат ниски примања и не можат да си дозволат класичен закуп на стан.

– Според Правилникот, начинот и условите за сместување во домовите и становите со кои управува Фондот, функцијата на дејноста на овие објекти и начинот и условите за нивното работење, се склучува договор со лицата што се здобиле со правото да користат стан во пензионерските домови. Висината на месечната закупнина зависи од големината на станот – објаснуваат од Фондот за ПИОМ.

Со домовите и становите наменети за корисниците на пензија во Скопје управуваат лица што ги ангажира Фондот, додека во градовите во внатрешноста раководи раководителот на филијалата на Фондот.

– Фондот се грижи за тековното и инвестициско одржување на пензионерските домови, додека станарите сами си ги плаќаат комуналиите – додаваат од Фондот. Според расположливите средства, секоја година се вршат основни или поголеми зафати за подобрување на условите во становите во домовите. За годинава во Годишниот план за јавни набавки е предвидено повеќе зафати да се направат во домот во Аеродром – велат од Фондот.

За да може да добијат место во некој од пензионерските домови, граѓаните не треба да поседуваат имот на свое име и на име на сопружникот, најмалку пет години до денот на поднесувањето на барањето, да немаат други приходи освен пензијата и да не поседуваат штеден влог повисок од 300 илјади денари, да не поседувале стан или куќа поголема од 120 квадрати без оглед кога е отуѓена и да можат самостојно да опстојуваат и да се грижат за одржувањето на станот.
Уште во септември 2023 година, на Комисијата за следење на развојот на системот на финансирање на единиците на локалната самоуправа, претставниците од ЗЕЛС поведоа иницијатива за итна дебата околу недостигот на домови за стари лица, односно дека ниту една општина нема изградено нов ваков објект, а дека старите лица се во лоша состојба и има недостаток на кадар.

 Треба да се менува Законот за семејство

Кога станува збор за квалитетот на живеење на старите лица во голема мера е поврзано со улогата што ја има семејството, а што како значајна правна рамка е Законот за семејство каде што се регулирани обврските на децата за издржување на немоќните родители, велат од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.

– Интересно е да се истакне фактот што во Законот за семејство на РС Македонија од 296 членови, само во член 181 пишува: Децата се должни да ги издржуваат своите родители кои се неспособни за работа, а немаат доволно средства за издржување или средствата за издржување не можат да ги остварат од својот имот. По исклучок, судот може да го одбие барањето за издржување кога издржување бара родител на кој му било одземено родителското право, иако детето за тоа има можности, или ако судот, ценејќи ги сите околности на случајот, најде дека тоа би била очигледна неправда за детето. Најголем број од другите членови се обврски на родителите кон децата! Од ова произлегува дека во овој закон нешто мора да се менува, велат од СЗПМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот