Во парламентарна демократија – јас гласам!

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Никогаш ставот во политика „сите се исти“ или „мене политиката не ме интересира“ никого и ништо нема да победи, а најмалку таквиот став некого ќе победи во парламентарна демократија.

Колку што гледам, а и како што и се надевав, изборите во Северна Македонија завршија со тесна разлика во корист на СДСМ; разликата е мала, но сепак многу важна. Денес ситуацијата е повторно мачна и тегобна за СДСМ, бидејќи мора да оформи стабилна влада и квалитетно парламентарно мнозинство. На овие избори не победи Мицкоски, не победи ниту таа фамозна паралевичарска опозиција, не победи ниту „критичката“ јавност, туку победи јасниот пат на мнозинството граѓани дека нема во оваа земја да има национализам, страв, репресии и закани; од друга страна, патот е европски, инклузивен и солидарен. Концептот „едно општество за сите“ не е партиски концепт, туку тоа е цивилизациски  концепт. Тоа е клучната разлика и вистинско исчитување на едната и на другата политичка понуда во јавниот медиумски простор.

За мој вкус – излезноста е мала

Но ајде сега да влеземе во анализа на тоа што вистински се случуваше и зошто – за мој вкус – излезноста е мала. Прво, треба да разбереме дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која е конституирана хоризонтално (читај, „национално“); СДСМ, пак, е партија која е конституирана вертикално (читај, „класно“).

Што е едно, а што друго, сигурно се прашувате? Партија која е направена национално, нејзината структура (или членство) не преиспитува раководства, функционери или лидер на партија; нејзината митологија работи и се мобилизира во самата митологија: традицијата имплицитно e нивната идеологија за отфрлање на модерноста; a кога веќе ја отфрлаат модерноста, така ја отфрлаат и технологијата (на социјалните медиуми нивните политики се слаби, ја губат агендата цело време); за нив мислењето како политичка рефлексија не е потребно, тие се тука затоа што се тука, се борат за некоја „национална работа“ за која ниту имаат знаење да ја дефинираат. Сите оние кои се други, различни, мора да бидат исчистени итн. Овие дефиниции се базата на една ултраконзервативна политичка партија како што е ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, пак, обратно, како политичка партија е конституирана класно и прогресивно. Има таа партија фиксно членство од некои триста илјади гласачи, но има и луѓе кои само припаѓаат кон неа во некоја вредносна смисла (професори, интелектуалци, борци за социјална правда, борци за човекови права, невладини организации и иницијативи, медиуми, новинари итн.), но не се нивни членови, туку припаѓаат на тој брз, динамичен и либерален свет. Ако принципиелно ги следевте медиумите и главните борби на политичкото поле, ќе видите дека само „критичката“ јавност беше таа што ја преиспитуваше СДСМ, ја „тресеше“ во некоја вредносна смисла, дури и аферата „Рекет“ беше имплицитно производ на една лева либерална мисла, не самиот скандал, туку поривот да се објави на таков начин во медиумите беше трасирана од лево либерално перо кое е долги години на нашата медиумска сцена. Сета таа нарачана критика СДСМ ја чинеше гласови, потоа ја чинеше и ставот „од сите се исти“, па ја чинеше формираниот став од „мене не ме интересира политика“. Сета таа критика – изминатиот период – предизвика одредени консеквенции во политичкото поле и тоа, повторувам, СДСМ ја чинеше гласови „фрлени во резигнација“.

Или да се обидам со други зборови. Никогаш овде нема да победат ставовите „сите се исти“ и „мене политиката не ме интересира“, особено нема да победат во повеќепартиска парламентарна демократија во која се одржуваат плурални избори. Тие, имено, по дефиниција се губитничка позиција. И тоа не е, да се разбереме, од некоја сорта на „племско губитништво“, туку од онаа сорта од која можеш само да се служиш, како кога гледаш некоја мува што цело време се удира од прозор.

На избори добиваат и власт формираат исклучиво оние за кои гласа мнозинството на граѓани кои: а) ќе излезат на избори; б) на тие избори ќе го заокружат името на некои од понудените листи. Останувањето дома не игра никаква улога – само имплицитна граѓанска неодговорност, за која граѓаните имаат право, ама не треба таквиот гест да го романтизираме, туку треба да ја наречеме со вистинското име.

Главни поенти

Да одиме на главните поенти. Постојат, имено, принципиелни противници на парламентарната демократија, оние кои се екстремно десничарски структури, намерачени за некаква „држава на сталежи“, или некаква слична фашизоидна држава, односно оние радикални левичари кои застапничката демократија ја нарекуваат гнила „буржоаска измислица“.

Во контекстот на денешната приказна, јас со таквите застапници на таквите концепти немам никаков проблем: тоа се што се и се борат за она во што веруваат дека веруваат. Јас не очекувам да го култивираат она против кое начелно се борат. Ама кога таквите „учкури“ ќе почнат да ни нудат некаква инфантилна регресија и некој вид претполитичка состојба, потоа човека би можело три глави да го заболат од мака, само кога би ги имал во толкав број.

Луѓе драги, почнете веќе еднаш да разликувате медиумско вертикално брборење од елементарните демократски одговорности во едно демократско општество! И гласавме така како што гласавме на овие избори. Јас, фала му на бога, граѓанин на плурална и парламентарна демократија во мојата земја – гласам! Ако не гласате, ќе ве надгласаат други.

Добро е, победивме, затоа што гласавме. Можеа да нѐ надгласаат, уште како можеа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот