
„Во мојата поезија јазикот ми бил сè, и крв и месо и камен и вода“: На денешен ден пред 25 години почина Славко Јаневски
На денешен ден во 2000 година, во Скопје, почина Славко Јаневски. Тој беше поет, романсиер, писател за деца, сценарист, сликар и академик. Тој припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, која ги поставила темелите на современата македонска книжевност.
Препорачано
Славко е роден 11 јануари 1920 година во Скопје. Тој беше еден од основоположниците на Македонската современа литература и автор на првиот роман објавен на Македонски јазик – „Село зад седумте јасени“ (1952), автор чие перо не престана да ја воодушевува читателската публика.
Од рана возраст почна да се занимава со литература и сликарство, а аврши техничко училиште. Беше директор и главен уредник на издавачката организација „Македонска книга. Уредник на списанијата Нов ден, Современост, Остен и Хоризонт. Член на Македонскиот ПЕН центар, член на МАНУ (1967), претседател на Советот на СВП, член на ДПМ од 1946 година и претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
Овој редок творец, постојано и неуморно се бореше во својата литература со историјата, онаква каква што се практикува на Балканот. Притоа во својот богат книжевен опус се одреди да го осмисли токму карактерот на нашиот народ и да го нариса неговиот антрополошки, етички и духовен портрет.
Поради својата плодна творечка кариера, Јаневски беше одликуван со поголем број награди и признанија, меѓу кои наградите „АВНОЈ“, „11 октомври“ и „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Мирослав Крлежа“, за книжевен опус на ИРО „Мисла“, „Македонско слово“.
Во негова чест во паркот „Жена-борец“ во Скопје е поставен споменик изработен од академик Томе Серафимовски. Покрај тоа, во негова чест е именувана и читална во Скопје, која беше пуштена со работа во 2013 година.
Јаневски е автор на многубројни книги за деца, патописна проза, збирки раскази, романи и поезија, коишто се преведени на повеќе светски јазици, а меѓу најпознатите дела се: „Село зад седумте јасени“, „Тврдоглави“, „Зад тајната врата“, „Улица“, „Шеќерна приказна“, „Девет Керубинови векови“, „Месечар“, „Две Марии“ и многу други, а песната „Цветови“ која остави белег во македонското творештво, секогаш ќе нè потсетува на една младост, на 12 скоевци, коишто своите животи ги положија за слободата за која мечтаеја.
По 60 години неуморно творештво, Јаневски остави опус од 15 романи, 11 книги поезија, 6 книги раскази, 8 книги за деца и голем број непубликувани во посебни книги препеви, книжевни и политички есеи и полемики, односно повеќе од 40 книги оригинално книжевно творештво.