Во Матично, личните податоци на граѓаните биле на ачик на луѓе што не потпишале изјави дека ќе ги штитат?!

матично управа за водење матични книги (4)
Слободен печат. / Драган Митрески

Луѓе кои не потпишале изјави за тајност и заштита на личните податоци и немале овластување за обработка на личните податоци на граѓаните, ја вршеле дигитализацијата на изводите на родени и починати лица како и венчаниците во Управата за водење матични книги. Ова го покажа супервизијата на Агенцијата за заштита на личните податоци.

Дополнително, Управата за водење на матичните книги не ја контролирала нивната работа. Вработените во Управата за водење матични книги, институција која функционира под Министерството за правда, немаат посетено обука за заштита на личните податоци.

Според наодите од супервизијата спроведена од Агенцијата за заштита на личните податоци, а кои се однесуваат на период од декември 2022 до април 2023 година, за скенирање на матичните книги, се користат два компјутери каде се инсталирани два скенера. За влез во овие компјутери не се бара да се внесе корисничко име и лозинка.

„Овие компјутери и скенери се сместени во просторија која физички не е обезбедено, при што до неа постоела можност да пристапат и неовластени лица. Во фазата на скенирање, ангажираните лица немале придружба односно контрола од вработените во Матично. Во ова просторија се чувале и матичните книги од повеќе подрачни единици кои биле доставени за скенирање, при што до нив можело да пристапи секој кој ќе пристапи во просторијата. Скенираните матични книги се преземале од овие два компјутери на преносен медиум (УСБ) кој не е заштитен со лозинка“,  пишува во ревизијата.

Агенцијата за заштита на личните податоци констатирала дека Управата за водење матични книги нема воспоставено контрола кој се имал пристап до медиумите, дали се изнесувале надвор од просториите на Управата, каде се чувале, кој имал обврска да ги избрише податоците откако се префрлиле. Од страна на обработувачот, доставен е реверс за издавање на користење на надворешни преносливи медиуми. Во документот е наведено дека тие може да се користат само за чување и трансфер на податоците од собата за скенирање до компјутерот доделен за прикачување  на податоците во просториите на УВМК, и не смеат да се извадат надвор од назначените простории или да се префрлаат податоци на трети компјутери кои не се определени за тоа.

Управата за водење на матични книги поседува и сервер со документи на кој се чуваат дел од скенираните книги и истите се незаштитени од неовластен пристап. Управата нема донесено и не применува процедура за пристап и користење на овој сервер. Во реверсот доставен од обработувачот, не е предвидено овој сервер да се користи за прикачување на скенираните документи.

Во периодот кога се скенирале матичните книги Управата за водење матични книги не водела евиденција кој имал пристап до просторијата која се користела за таа цел.

Директорот на Управата Емир Сулејмани за „Слободен печат“ вели дека супервизијата се однесува на период пред тој да стане директор и моментално, поголемиот дел од забелешките се поправени.

– Моментално се почитуваат сите законски регулативи, се заштитуваат податоците. Ние работиме на усогласување на дадените насоки, на поправање и поголем дел од работите се средени. Тоа што е констатирано се однесува на минато време, сега сите лица се овластени и потпишуваат изјави за заштита на личните податоци, ни рече Сулејмани.

Супервизијата на Агенцијата за заштита на личните податоци била спроведена на барање на Антикорупциската комисија. Антикорупциската комисија оформи предмет заради незаконски спроведена јавна набавка на информатички услуги – скенирање на лични документи и документи со лични податоци на граѓаните, нивно внесување во базата на Управата за водење на матичните книги и техничка поддршка на базата и софтверскиот систем.

Антикорупциска барала од Агенцијата за заштита на личните податоци да утврди кој имал пристап до скенираните документи за лични податоци, ккао истите биле зачувани, дали биле заштитени и дали личните податоци биле користени за незаконски цели.

Тендерот за дигитализација на матичните книги веќе е обвиен во сомнежи за неправилности. Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција има поднесено кривична пријава против три физички лица и една фирма поради постоење основано сомнение за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и за кривично дело „поттикнување“.

„Првопријавеното лице, во својство на раководно лице во Управата за водење матични книги и второпријавеното лице вработено во Управата за водење матични книги, како лица што ги изработиле техничките спецификации и условите за квалитативен избор, поттикнати од третопријавеното лице кое било сопственик на фирмата Новатек Инв ДООЕЛ Скопје, ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, во 2021 година изработиле тендерска документација со дискриминирачки и несразмерни услови за квалитативен избор за јавна набавка на услуги за дигитализација на матичните книги и за НОВАТЕК Инв ДООЕЛ прибавиле корист – право да учествува во постапката за јавна набавка и да склучи договори на вкупен износ од 35.621.240 денари“, известија од Финансиската полиција.

Јавнообвинителски исход за оваа пријава нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот