Во Македонија има дури 246.718 невработени!

Бројот на невработени што се здравствено осигурени е многу поголем од невработените регистрирани во Агенцијата за вработување (АВРМ), или од процените што ги прави Државниот завод за статистика преку Анкетата за работна сила, а кои се земаат предвид при официјалната пресметка на стапката на невработеност.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во Македонија има 168.018 невработени, според податоците на Агенцијата за вработување –  188.506 невработени, но во Македонија реално има 246.718 невработени! Толку граѓани, како невработени, се пријавени во Фондот за здравствено осигурување за да користат здравствено осигурување.

– Невработените лица остваруваат право на здравствена заштита по член 5 став 1 точка 15 од Законот за здравствено осигурување и нивниот број во моментов е 246.718 – одговорија за „Слободен печат“ од Фондот за здравство.

Здравствено осигурување и без пријава во Агенцијата за вработување

Во Агенцијата за вработување, според последните податоци, имало вкупно 188.506 невработени, или 58.212 граѓани помалку од оние што како невработени примаат здравствено осигурување. Разликата во бројките произлегува од тоа што од април 2015 година, Законот за здравствено осигурување овозможува правото на здравствено осигурување да се остварува без потврда од Агенцијата за вработување дека станува збор за невработено лице.

– Граѓаните што немаат друга основа за пријавување во здравствено осигурување, а се невработени, нема потреба да се пријавуваат во АВРМ за да потоа се пријават во здравственото осигурување во Фондот. За пријавување во здравственото осигурување како невработено лице, граѓаните се пријавуваат директно во една од подрачните служби на Фондот – ни објаснија од Фондот за здравствено осигурување.

Според  регулативата, и оние што имаат некаков хонорарен ангажман може да остваруваат здравствено осигурување без да плаќаат здравствен придонес. Како што е познато, пред неколку години постоеја обиди за законски измени со кои хонорарците ќе плаќаат пензиски и здравствен придонес, но по масовни протести поранешната власт се откажа од таа идеја.

Сега, дали некој граѓанин што работи хонорарно ќе добие бесплатно здравственото осигурување, или пак, ќе си плаќа одреден износ, зависи од тоа колкави приходи остварува. Но сите тие заедно се дел од бројката од 246.718 невработени граѓани што остваруваат здравствено осигурување како невработени.

Европски статистички правила

Според официјалната статистика, во Македонија има 168.180 невработени, а стапката на невработеност е 17,5 отсто.

Овие податоци се добиени од Анкетата за работна сила што и во Македонија се спроведува во согласност со методолошките препораки на Меѓународната организација на трудот и препораките на Европското статистичко биро (Евростат).

„Почитувањето на овие меѓународни препораки овозможува меѓународна споредливост на податоците, но значи и примена на дефиниции за основните категории на пазарот на трудот, кои се различни од оние што ги уредува националното законодавство во областа на трудот“, објаснуваат од Државниот завод за статистика.

Според Анкетата за работна сила како невработени се оние што истовремено исполнуваат 3 услови: не работеле за време на извештајната недела, за која се прави анкетата; преземале конкретна активност за наоѓање работа; биле подготвени да прифатат работа во следните две недели по извештајната недела.

Во секој квартал, за утврдување на податоците во Анкетата за работна сила се анкетираат по 5.000 домаќинства и сите лица на возраст од 15 до 79 години што живеат на таа адреса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот