Во Карпош ќе се отвори Центар за дијаспора

Во Општина Карпош треба да се отвори канцеларија, односно Центар за дијаспора, која ќе соработува со иселениците од Македонија. За работа во канцеларијата ќе биде назначен вработен во општинската администрација, кој треба да ги реализира обврските и задачите што ќе бидат дел од работната стратегија на канцеларијата за соработка со иселениците, кои се на постојана или привремена работа надвор од држава. Притоа, канцеларијата ќе има одредени надлежности и одговорности во форма на контактно – информативен центар за граѓаните во странство, за сите нивни права и обврски во татковината.

Треба да бидат создадени конкретни можности за обезбедување административни услуги за луѓето во дијаспората, при што ќе биде зголемена ефикасноста за комплетирање на разни административни постапки и решавање на проблеми од различен карактер. Во исто време ќе бидат понудени релевантни информации за граѓаните во странство, за поволностите и можностите што ги дава државава во делот на привлекување на странски инвестиции во проектите на општината. За таа цел ќе биде обезбедена и техничка помош во врска со регистрација на бизниси и други капацитети за граѓаните во странство – информираат од Карпош.

Канцеларијата ќе промовира и културни програми, а исто така, како што велат од Општината, ќе биде креирана и база на податоци за сите активни здруженија во дијаспората, пред се во сферата на науката и економијата. Од особена важност ќе биде формирањето на т.н „чадор“ тело, кое ќе го сочинуваат сите организации во дијаспората, кои треба да ги зајакнат релациите на соработка меѓу организациите во дијаспората и тие во татковината.

Реализацијата на предлог – меморандумот за отворање на функционална општинска канцеларија за соработка со дијаспората е предвиден во Акцискиот план на Националната стратегија на РСМ 2019 – 2023 година. Самата иницијатива произлегува од стратешката цел која е насочена кон поголема политичка вклученост и остварување на граѓанските и социјалните права на дијаспората, во функција на градење на доверба и воспоставување на нејзина ефективна соработка со државата – велат од Карпош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот