Во Германија никогаш немало помалку млади луѓе на возраст од 15 до 24 години

Депресија кај младите
Млади илустрација / Фото: EPA-EFE/MARCO DE SWART

Младите на возраст меѓу 15 и 24 години сочинуваа само десет проценти од населението во Германија на крајот на минатата година, најмалку во последните седум децении.

Од 1950 година, кога почнало да се води евиденција, најголем процент на млади на возраст од 15 до 24 години имало во 1983 година, кога тие сочинувале 16,7 отсто од населението, пишува денеска Дојче веле.

Бројот на млади луѓе оттогаш постојано се намалува, со исклучок на 2015 година, покажуваат податоците на Федералниот завод за статистика во Визбаден.

Денес, меѓу германските покраини има доста големи разлики во однос на бројот на млади луѓе на возраст од 15 до 24 години.

Најбројни се во Бремен, 11 отсто, а најмалку се во Бранденбург, осум отсто. Во источногерманските покраини Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија нивното учество од 8,3 отсто е значително под просекот, додека покраините Баден-Виртемберг, Северна Рајна-Вестфалија и Долна Саксонија сè уште се над просекот со по 10,6 отсто.

Неодамна објавената студија за главните преокупации на младите во Германија покажува дека нивните животи се обележани со кризи.

Анкетираните млади луѓе како нивни најголеми грижи ги навеле војната во Украина (68 проценти), климатските промени (55 проценти), инфлацијата (46 проценти) и поделбите во општеството (40 проценти).

Студијата, исто така, укажа на катастрофалното влијание на антипандемиските мерки врз нивното ментално здравје, а трите работи што најмногу ги мачат младите Германци се стресот (45 проценти), безволноста (35 проценти) и исцрпеноста (32 проценти).

Дури 27 отсто од младите Германци зборуваат за депресија, 13 отсто имаат чувство на беспомошност, додека седум отсто од испитаниците изјавиле дека размислувале за самоубиство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот