Во Австрија се урнал мал авион кој летал од Чешка кон Хрватска, нема преживеани

Авион илустрација/ Фото EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

За време на викендот се урнал мал авион во скијачката област Касберг во Горна Австрија. Локалните медиуми јавија дека сите четворица патници и членови на екипажот се пронајдени мртви. Станува збор за авион кој требало да слета во Медулин, пренесува хрватскиот медиум Истарски.

Според платформата Авиејшон Сејфти Нетворк, станува збор за Роквел Командер 112Б кој тргнал од чешкиот град Прибрам, а целна дестинација му била Истра.

Остатоците од авионот се пронајдени во близина на планинарскиот дом Сеп Хубер. Според Истарски, околу 12 часот била започната опсежна потрага. Во потрагата учествуваа полицијата, пожарникарите, планинската спасувачка служба и Црвениот крст.

Во потрагата биле ангажирани и полициски и спасувачки хеликоптери и единица обучени кучиња.

Првите парчиња од остатоците од малиот авион со четири седишта се лоцирани околу час и половина по почетокот на потрагата, во близина на планинарскиот дом. Околу 16 часот, итните служби ги пронашле остатоците на ски-центарот покриен со снег.

Причината за несреќата се уште не е позната. Истрагата ја презеде Државната криминалистичка полиција на Горна Австрија, пишува Истарски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот