Владата одобри да поскапат личните документи кои сите мораме да ги менуваме

Патна исправа, пасош/ Фото: ЕПА

Издавањето на лични документи од страна на институциите ќе поскапи откако Владата го одобрила решението на Министерството за внатрешни работи (МВР), што треба да стапи во сила по објавата во Службен весник. Ваквата информација ја потврдија од МВР, додавајќи дека обрасците во моментов се издаваат по цените кои важеа досега.

– Цената на пасош за лице до 27 години ќе остане непроменета и натаму ќе изнесува 1.500 денари, но пасошот за лице над 27 години ќе изнесува 2.000 денари, што е зголемување за 500 денари. Цената на личната карта ќе изнесува 310 денари, што е зголемување за 120 денари. Цената на возачката дозвола ќе изнесува 410 денари, што е зголемување за 130 денари – соопштуваат од МВР.

Ќе има промени на цените и на обрасците за итна постапка.

– Цената на пасош по итна постапка ќе изнесува 6.100 денари, што е зголемување за 1.600 денари. Цената на возачка дозвола по итна постапка ќе изнесува 1.230 денари, што е зголемување за 390 денари – наведуваат од МВР.

МВР ја правда промената на цените со зголемените набавни цени на увезени обрасци, зголемени трошоци за одржување на системот кој се врши од страна на странски економски оператор, како и поради набавката на нови машини поради укажана потреба од замена на веќе дотраени машини за персонализација.

До февруари 2024 година, граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи, на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција, Република Северна Македонија. Тоа значи дека граѓаните кои досега не го сториле тоа, ќе мора да ги сменат личната карта, пасошот, возачката дозвола, сообраќајната дозвола, но и регистарските таблички на возилата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот