Владата на Тајланд се пишмани, нема да ја легализира марихуаната

Канабис во Тајланд / Фото EPA-EFE/RUNGROJ YONGRIT

Новата влада на Тајланд планира да донесе нови закони со кои се забранува рекреативна употреба на марихуаната, 18 месеци откако земјата стана прва во Азија што ја декриминализираше употребата на ова растение.

Опуштените закони доведоа до бум во профитабилната индустрија за канабис која ги снабдува локалното население и туристите, но новата конзервативна влада вети дека ќе ги заостри правилата и ќе дозволи само медицинска употреба на марихуана.

Тајландското Министерство за здравство денеска објави нацрт-закон со кој се пропишуваат големи парични казни и/или затворски казни до една година, пишува Си-Ен-Ен.

Марихуаната и производите поврзани со канабис ќе бидат ограничени само за медицински и здравствени цели, се наведува во законот. Во септември, премиерот Сретта Тависин рече дека неговата влада ќе ги „поправи“ законите за канабис во следните шест месеци.

Пушењето марихуана во јавност остана нелегално дури и според полесните закони, но предложените нови закони ќе забранат рекламирање на цвеќиња и екстракти од канабис, како и други производи од канабис.

Претходниот нацрт-закон пропадна во парламентот во ноември. Премиерот Тависин претходно се изјасни против рекреативната употреба на марихуана, велејќи дека злоупотребата на дрога е „голем проблем за Тајланд“.

Тајланд стана првата земја во Азија која целосно ја декриминализираше марихуаната во јуни 2022 година, што е реткост во регион каде што многу земји изрекуваат долги затворски казни, па дури и смртни казни за поседување, консумирање или трговија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот