Владата го усвои дополнетиот предлог-буџет и го испраќа во Собранието

Фото: МИА

Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа 58-та редовна седница на која покрај премиерот Димитар Ковачевски и членовите на Владата присуствуваше и се обрати и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел.

Во рамки на 58-мата редовна седница, Владата го усвои дополнетиот Предлог-буџет на Република Северна Македонија за 2022 година, по што ќе биде испратен во Собранието.

Дополнетиот Предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година претставува нов интегрален текст во кој Владата ги вгради прифатените амандмани и потребните измени и дополнувања.

Според предлогот на ресорното Министерство за финансии, усвоени се измени, кои се во насока на зголемување на средствата кај одредени буџетски корисници, со истовремено намалување на средствата од буџетскиот корисник – Министерство за финансии-функции на државата.

Истовремено, се врши реалокација на средства во рамките на одредени буџетски корисници, кои немаат дополнителен фискален ефект кај самите буџетски корисници на сметката на Основен буџет и се врши реалокација на средства во рамки на одредени буџетски корисници, кои немаат дополнителен фискален ефект кај самите буџетски корисници на сопствените сметки.

Дваесет и пет милиони денари дополнителни средства во здравството, животната средина, инфраструктурата се обезбедуваат со дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2022 година.

На денешната седница, Владата го разгледа и Предлогот на законот изменување и дополнување на Законот за енергетика поради наметната потреба од глобалната енергетска криза за создавање на услови за зголемување на производство на електрична енергија од обновливи извори и заради усогласување на Законот за енергетика со новите хоризонтални закони, Законот за стратешки инвестиции, Законот за инспекциски надзор, Законот за електронски документи и електронска идентификација, како и со нацрт Законот за изградба на фотонапонски електроцентрали и нацрт Законот за безбедност на мрежи и информациски системи.

Новиот Предлог-закон се носи и заради дополнителни усогласувања на Законот за енергетика со соодветните прописи на Европската Унија, односно ЕУ Директивата 2019/944 за заедничките правила за внатрешниот пазар на електрична енергија и ЕУ Регулативата 2019/943 за внатрешниот пазар на електрична енергија и се воведува складирањето со електрична енергија како нова енергетска дејност, Регулативата 1227/2011 за интегритет и транспарентност на пазарите на големо на енергија, Регулативата 347/2013 за трансевропската енергетска инфраструктура, Регулативата 2015/1222 за воспоставување на правила за алокација на капацитетите и управување со загушувањата, како и Препораката 2018/01/MC-EnC на Министерскиот Совет на Енергетската заедница изготвување и усвојување на План за енергија и клима.

Измените на Законот за енергетика меѓу другото, се овозможува Владата да ја донесува Стратегијата за развој на енергетиката и во периоди пократки од пет години со цел да се антиципираат глобалните трендови во областа на енергетиката настанати од забрзаното воведување на нови технологии, промената на структурата во побарувачката на енергија, динамиката на развојот на енергетските пазари а пред се заради преземање на навремени мерки за заштита од климатските промени. Новиот Закон создава законски основ Владата, на предлог на Министерството за економија и Министерството за труд и социјална политика, а по претходно мислење од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, да донесе Уредба за заштита на ранливи потрошувачи на енергија, врз основа на којашто секоја година Владата ќе носи Програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за наредната година со која што се утврдуваат мерките за спроведување на Уредбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот