Вистинскиот 5Г во Македонија допрва ќе дојде

Фото: EPA-EFE/LONG WEI

Сега сѐ уште се пушта 5Г сигналот на постојните фреквенции. Во тек е процедурата за доделување нови фреквенции на заинтересираните оператори.

И покрај тоа што уште пред два месеца Македонски телеком официјално ја пушти 5Г мрежата со покриеност на 15 града, граѓаните коментираат дека сѐ уште не ги гледаат најавуваните придобивки. Наш сограѓанин што го искусил искуството со 5Г мрежата во Дубаи вели дека ова што сега се нуди кај нас, нема врска со тоа што е навистина 5Г мрежа. И од Агенцијата за електронски комуникации ни потврдија дека сѐ уште во државава нема вистински 5Г, но дека набргу граѓаните ќе може да ги почувствуваат вистинските придобивки од најновата технологија.

– Сега сѐ уште се пушта 5Г сигналот на постојните фреквенции. Во тек е процедурата за доделување нови фреквенции на заинтересираните оператори. Во зависност од бројот на заинтересирани оператори, постапката може да заврши без тендер (за еден месец) и со тендер (за 3-4 месеци). Дури по пуштањето на 5Г сигналот на нови фреквенции, ќе имаме услуга соодветна на 5Г технологијата – велат од АЕК.  

Оттаму објаснуваат дека во јуни минатата година АЕК ја почна постапката за објава на тендер со која ќе додели одобренија за користење радиофреквенции за петтата мобилна генерација 5Г. Па така, според нивните тогашни изјави, до крајот на 2023 година најмалку еден поголем град треба да биде покриен со 5Г, до крајот на 2025 автопатите и магистралните патишта, а до крајот на 2027 година сите градови во државава. Секој поединец ќе има можност за пристап до интернет преку 5Г до 2029 година. Меѓутоа, Комисијата за заштита на конкуренцијата почна постапка по однос на поволностите за влез на нов мрежен оператор, поради што тендерската постапка на АЕК беше прекината. Бидејќи Комисијата не донесе одлука по однос на започнатата постапка, АЕК започна нова постапка на 6 април 2022.

И при промовирање на првата комерцијална 5Г мрежа, директорот на Телеком Никола Љушев  на прес-конференција изјави:

„Со добивањето на новите 5Г радиофреквенции, оваа технологија ќе го достигне својот вистински потенцијал, а нашите корисници ќе ги добијат брзините кон кои целиме“.

Од АЕК објаснуваат дека сега и сите 5Г мобилни телефони не може да ја  „фатат“ мрежата. Тоа го потврдуваат и од Македонски телеком.

– Засега, 5Г ќе имаат корисниците што се наоѓаат во градовите што се покриени со 5Г, во согласност со тарифите што ги користат и кои имаат некој од следните соодветно сертифицирани 5Г уреди: „самсунг S21“, „ксаоми 11 Lite NE“ и „моторола еџ 20 Lite“. Процесот на 5Г сертификација со „Епл“ се очекува да заврши во текот на второто тримесечје од годината – велат од Македонски телеком.

И со мрежа и со 5Г мобилен, достапноста не е за сите

Мрежата 5Г и таму каде што ја има во сегашната форма, како и она што допрва ќе пристигне со новите фреквенции, нема да биде достапна за сите граѓани дури и да имаат уред наменет за поддршка на овој сигнал. За ова реагираат граѓаните што купиле мобилен телефон со поддршка на 5Г сигналот, кој велат дека кога го купувале, не им било посочено дека нема да можат да го користат со нивната тарифа.

– Можностите на 5Г технологијата ќе бидат достапни во тарифите: Ултра – вклученo во претплатата, без потреба од активација, Магента 1 Унлимитед и Мобиле Унлимитед без дополнителен надоместок, со активација на услугата преку апликацијата ТелекомМК. Во промотивниот период, 5Г ќе може да се активира без дополнителен надоместок и кај корисниците на Магента 1 M и Мобиле M преку апликацијата ТелекомМК. Пристапот на 5Г мрежата ќе биде овозможен без дополнителен надоместок и за деловните корисници, во тарифите Магента Бизнис L / Бизнис L и Бизнис XL / XXL со автоматска активација, а за корисниците на Магента 1 Бизнис M и Бизнис M со активација преку апликацијата ТелекомМК – велат од Телеком.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот