
Виното оди во заборав: Истражувањата покажуваат дека Французите сега преферираат пиво
Потрошувачката на вино во Франција се повеќе се намалува, додека популарноста на пивото рапидно расте, покажуваат најновите истражувања, пишуваат француските медиуми, пренесува британски „Телеграф“.
Препорачано
Во периодот од 2019 до 2023 година, учеството на виното во потрошувачката на алкохолни пијалоци на францускиот пазар изнесува 40 отсто, што е пад од цели 18 отсто во однос на периодот од 2007 до 2011 година, покажуваат податоците од истражувањето на компанијата „FranceAgriMer“.
Пивото во последно време го надмина виното по популарност кај Французите, па така во периодот 2019-2023 година уделот на овој пијалок во консумирањето алкохол е 45 отсто, додека од 2007 до 2011 година тој процент бил само 29 отсто, се вели во истражувањето.
Француските домаќинства, исто така, купуваат повеќе количини пиво, купувајќи просечно 26 литри годишно, во споредба со 24 литри годишно вино.
Тоа означува значителна промена во потрошувачката на алкохол во Франција каде што винската индустрија претрпе постојан пад.
Виното, во просек, содржи меѓу 12 и 14 отсто алкохол, додека пивото во просек од четири до шест отсто.
Пивото е исто така поевтин избор, со просечна цена за литар 2,60 евра (2,16 фунти) во споредба со 5 евра (4,14 фунти) за литар негазирано вино, или 12 евра (10 фунти) за литар пенливо вино помеѓу 2019 и 2023 година.
Франција, исто така, доживеа пораст на микро и занаетчиски пивари.
Земјата сега е водечка европска земја за мали и средни занаетчиски и микропроизводители, со 2.500 производители низ целата земја, според Националната унија на независни пиварници.