ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Виктор Стојкоски: Купувајте само од регистрирани е-трговци

Виктор Стојкоски/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Регистарот на е-трговци е јавно достапен на официјалната страница на Асоцијација за е-трговија, а може да се пребарува по категории и да се направи избор меѓу 1.000 трговци

Е-трговијата има постојан тренд на раст. Податоците за првите 9 месеци од 2023 година, како последни од Народната банка, покажуваа дека вкупната вредност на е-трговијата е 29,9 милијарди денари, што е за 18,2 проценти повеќе во однос на истиот период од 2022 година. Покрај позитивните можности што ги носи е-трговијата, истовремено постои можност и за разни измами. Затоа, неопходно е да се купува само од регистрирани е-трговци, порачува Виктор Стојкоски, генерален секретар на Асоцијацијата за е-тровија. Тој укажува дека регистарот на е-трговци е јавно достапен на нивната официјална страница. Според податоците од Народната банка, има регистрирано околу 1.890 е-трговци, но во Регистарот има околу 1.000 затоа што таму се само оние што имаат направено барем една онлајн трансакција во последен период.

– Ние како Асоцијација за е-трговија формиравме регистар за е-трговци. Тој регистар го сочинуваат трговците што имаат имплементирано онлајн плаќања, односно се дел од петте банки што нудат интеграција на платежен систем за е -трговија, односно виртуелен ПОС терминал. Регистарот е ажуриран пред неколку месеци, односно додадовме категоризација, со цел лесно да се бира и по категорија, луѓето да знаат како да стигнат до одреден трговец што нуди одреден продукт врз база на нивните потреби – вели Стојкоски.

Тој советува дека треба и да се видат податоците за е-трговецот, да се утврди дали е наведен контакт, адреса, за да купувачот има каде да се пожали во случај на поплаки.

– Кога купуваме од регистрирани трговци, ние имаме Закон за заштита на потрошувачи, што ги штити правата на потрошувачите. Кога купуваме преку Фејсбук, ние не купуваме од Фејсбук, ние купуваме без да знаеме кој стои зад таа продажба. Кога имаме и регуларна е-трговија, не може да дојде и до крадење до податоци. Кога внесувате податоци од картичка, вие не ги внесувате кон е-трговецот, туку во системот на банката – вели Стојкоски.

Тој вели дека oна што радува е дека од вкупниот прометот од 29,9 милијарди денари во првите 9 месеци од минатат година, 20, 7 милијарди е промет од домашната е-трговија.

– Имаме раст и на страна на побарувачката за е-трговија и од страна на понудата, а потврда за тоа е што во првите 9 месеци од мината година имаме отворено 117 нови е-трговци – вели Стојкоски.

Стојкоски посочува дека еден од најголемите предизвици во е-трговијата е намалување на сивата економија. Но, како што објаснува, онлајн продажбата преку Фејсбук не е секогаш мотивирана од сива економија. Како пример, посочува некој производител на мед, кој од Берово би сакал да го направи подостапен својот мед, па го нуди преку Фејсбук. Но и за тоа има решение, а тоа се платформи преку кои може да се продаваат различни производи.

Деновите, трета година по ред се организира изборот на најдобрите е-трговци. Номинирани беа повеќе од 150 е-трговци. Гласаа повеќе од 6.600 гласачи во 24 категории и се собраа околу 111.000 гласови. Исто така, во изборот учествуваше и стручна жири-комисија од 12 члена. Годинешниве три најдобри е-трговци беа Ананас, Пакет.мк и Фешн груп.

Целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ погледајте го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот