ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Секуловски: Граѓаните имаат право да знаат кој стои зад содржините на бројните портали

Драган Секуловски/Фото Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Важна е саморегулацијата, но важна е и законската регулација на медиумскиот простор. Темава околу регулацијата би ја поделил на два дела. Едната каде што на некој начин „меко“ би се регулирал интернет медиумскиот простор. Граѓаните имаат право да знаат кој стои зад содржините на бројните портали, кои се нивните сопственици, уредници, кои новинари се таму со свој новинарски ангажман. Значи, порталите да си имаат импресум како своја лична карта за корисниците, читателите да знаат која им е адресата, дали доменот е регистриран во Македонија или надвор и, вториот, околу социјалните мрежи. За нив е важно да останат слободни. Интернетот е теренот на тој слободен простор- рече Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ во утринското гостување во „Слободен печат“.

Во таа насока, делегацијата на ЕУ во Скопје достави нацрт, еден нацрт законски текст за медиуми кој беше изработен во рамките на европски проект од страна на конзорциум експерти од странство и од земјава. Тој документ е во согласност со европскиот акт за новата регулатива на ЕУ во делот на медиумите и во него се содржани одредени правила на однесување на медиумите, додаде тој.

Според него акцентот е ставен пред сè на транспарентноста и потоа преку државните инструменти, конкретно преку министерството за информатичка технологија кое е надлежно за областа, земјава добива и одредена техничка помош. Значи, ЕУ ни вели еве ве конкретни сугестии и техничка помош како да ја подобрите домицилната регулација на медиумскиот простор. И, сето е во насока на натамошна професионализација и на европска стандардизација на медиумската сфера.

– Ова за нас е посебно важно зашто последните законски решенија за медиумите и воопшти за овој дел од јавниот простор датираат од пред повеќе од една деценија, а медиумите, воопшто, и поради брзиот напредок на нови технологии, се развиваат со неверојатна брзина. Тоа бара нужна адаптација и на регулациите, како на саморегулацијата така и на законски адаптирања, на прилагодувања во согласност со времето- вели Секуловски.

Како што посочува ова посебно се истакнува во делот на онлајн медиумите од причина што прво самите медиуми треба да се заштитат од разни натрапници од разни центри на моќ, вклучително и од натрапници од политичките партии и, што е најважно, да се заштити јавниот интерес, односно граѓаните од лажни вести и од секакви манипулации и пропаганди.

Целото интервју погледнете го во продолжение:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот