
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ненад Марковиќ: Бугарија може вечно да манипулира, грешка е што во извештајот на ЕП се вметнаа јазикот и идентитетот
Професорот Ненад Марковиќ вели дека било грешка да се вметнува каква било квалификација за македонскиот јазик и идентитетот во документ каков што е извештајот на Европскиот парламент посветен на напредокот на Македонија. Иако не му се допаѓа тоа што се случи при усвојувањето на извештајот тој смета дека состојбата по нашата земја воопшто не е страшна, односно ништо ново нема да произлезе од оваа ситуација.
Препорачано
– Јас би рекол непријатна по неколку актери, не само по локалната политичка сцена, туку и по самиот ЕП и по перспективата на нашите евроинтеграции. Меѓутоа и не до онаа мерка и аспект што луѓето би очекувале. Прво и основно, во самата суштина на ваквите документи не требаше да се отвараат идентитески прашања, особено што во парламентот имате пратеници коишто го мислат спротивното – вели Марковиќ.
Доколку со извештајот на Томас Вајц, известувачот на ЕП за Македонија, можеби се направил обид за некакви гаранции кои би ги добила нашата Влада во обидот да се издејствуваат уставни измени, Марковиќ констатира дека сега тоа паѓа во вода. Според него спорно е тоа што Владата се обидела да освои политички поени пред домашната јавност, со прецизно планирана ПР акција.
– Пред две недели кога се појави информацијата дека во драфт верзијата на извештајот се вметнати јазикот и идентитетот, тогаш од Владата тоа го претставија како свој успех, а кога тоа пропадна тогаш некој друг им беше крив за неуспехот. Во првиот случај сакаше да профитира. А во вториот случај веќе имаш спремен втор наратив ете нас Европа не нè сака. Искачаш победник во двете верзии. Тоа е одлично спремна ПР тактика, одличен фрејминг како што велите вие новинарите, да ни во едно сценарио не испаднеш губитник, а во секое сценарио да испаднеш победник. Мислам дека ни првиот ни вториот случај немаат врска со ЕП – вели Марковиќ.
Професорот е дециден дека со гласањате во ЕП, прашањето за јазикот и идентитетот е „ставено под тепих“ и допрва ќе треба да се решава за тоа во иднина.
– Тоа европратениците го направија за да сокријат некои нивни несогласувања што ги имаат и кои допрва ќе излегуваат на површина. Многу е важно да ги биеме оние битки што можеме да ги добиеме, а не да се впуштаме во борба што не можеме да ја победиме. И сега ако на тоа го надоврзете дискурсот „учителката не нè сака и затоа имаме единица, уште повеќе ги ставате во позиција на жртва, ги виктимизирате луѓето, нешто најлошо што можете да им го направите. И затоа ние не можеме да се извадиме од таа позиција на жртва цели 30 години и да кажеме ќе направиме болни компромиси, ќе тргнеме напред за да мрднеме – смета тој.
Професорот потсетува дека на седницата на Советот за безбедност кога се расправало за т.н. Француски предлог, тој предупредил дека за разлика од Преспанскиот догвор, овој предлог во себе носел одредени дефицити кои се многу опасни и дека тогаш препорачал да не се брза со неговото прифаќање.
– Бугарија може вечно да манипулира и затоа мораме да ги биеме битките што можеме да ги добиеме, а не да започнуваме работи кои само ја птврдуваат тезата дека никој не нè сака, ете ни не можеме во Европска Унија – додава Марковиќ, кој во мандатот на претседателот Стево Пендаровски, беше советник за национална безбедност во неговиот кабинет.
Тој вели и дека по барањето на Бугарија да ги отвориме нашите архиви од времето на социјализмот, со тоа нема ништо да се постигне, бидејќи ништо што е битно не се чува во Македонија, туку дека тоа се наоѓа во Белград во федералната архива на поранешната држава.