Горан Најдоски - Стјуард - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Горан Најдоски - Стјуард - Фото - Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Најдоски: Кога ќе го испиеш утринското кафе над облаците, чувството е непроценливо

Замислете да одите на работа во облаците, вашите работни обврски да ги извршувате на небото и првото утринско кафе да го пиете гледајќи во изгрејсонцето од најубавиот агол. Токму оваа рутина ја има Горан Најдоски, кој пет години работи како стјуард во авиокомпанијата „Визер“, а воедно е и нејзин бренд амбасадор за Македонија. Со него разговараме околу неговата работа, развивањето на кариерата и работните обврски на еден стјуард.

Најдоски смета дека оваа работа е идеалната за него. Претходно работел и канцелариска работа, за која сфатил дека не го исполнувала поради што побарал нешто поавантуристичко.

-Јас отсекогаш сакав да патувам и да запознавам нови култури, па по завршувањето на средното образование и факултетот, почнав да работам канцелариска работа од 9 до 17 часот. Некако тој простор ме загушуваше, често погледнував од прозорецот и велев дека ова не сум јас. Еден ден се одлучив да аплицирам на конкурсот на „Визер“ за стјуарди и бев среќникот кој беше избран од стотици кандидати – сподели тој.

Горан Најдоски - Стујард - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Горан Најдоски – Стјуард – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Карактеристично за стјуардите е што немаат класично работно време, а и поради тоа имаат можност на флексибилни работни часови.

– Чувството да се работи во воздух е непроценливо. Како и секоја работа, така и оваа има свои предности и мани како кога станувате во три часот наутро, но кога ќе го испиете првото утринско кафе над облаци кога сите спијат, чувстото е непроценливо – додаде стјуардот Најдоски.

Се случува во текот на едно деноноќие да имаат од два до четири лета, а како што вели Горан, тој е ноќна птица и повеќе ги сака ноќните летови. Но, честа појава при летањето се и турбуленциите, поради што го прашавме како успева за време на летовите да им помогне на патниците кои се плашат од вакви ситуации.

– Турбуленциите се нормална и честа појава во летниот и зимскиот период. Ние сме обучени за тоа и поминуваме двомесечна обука во Унгарија. Некои од патниците уште кога ќе влезат во авионот нè известуваат дека се плашат од летање и затоа ги прашуваме каде седат за да им обрнеме повеќе внимание, ги информираме и дека има копче на кое можат да нè повикаат во кое било време од летот и со насмевка разговараме со нив и така се опуштаат – раскажа бренд амбасадорот за Македонија.

Горан Најдоски - Стујард - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Горан Најдоски – Стјуард – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Во неговата досегашна кариера речиси и да немал стресни ситуации, но постои еден лет кој им измамил насмевка на сите патници и целиот екипаж.

– Во мојата петгодишна кариера сум немал такви ситуации, но затоа сум имал позитивни искуства како запросување на лет, на први јануари и тоа би го издвоил како нешто што ќе го паметам засекогаш во мојата кариера – изјави Горан, додавајќи дека ова се случило само еднаш во неговите пет години кариера.

Тој има посетено над 40 земји, вклучувајќи ги Европа и Америка, а омилени му се приморските дестинации како Барселона и Малта, а од прекуокеанските, Мајами.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот