
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Јове Кекеновски: Се плашам дека Уставниот суд ќе бара компромис за Законот за јазиците
Професорот Јове Кекеновски беше првиот што поднесе иницијатива пред Уставниот суд, спорејќи ја уставноста на Законот за употребата на јазиците во Македонија. Четири години подоцна тој вели дека поради политички комбинации, судот сè уште се нема произнесено по неговата иницијатива.
Препорачано
– Начинот на којшто беше донесен Законот, а и според содржината, Законот е противуставен. Го оспорив донесувањето на таквиот закон по четири основи и сметам дека тие основи се доволни за Уставниот суд да донесе не укинувачка, туку поништувачка одлука – вели Кекеновски.
Тој смета дека Законот бил донесен своевремено како резултат на политички договор помеѓу ДУИ и СДСМ. Првите профитирале пред своето гласачко тело, додека вторите уште долго време ќе ја плаќаат политичката цена од непромисленото носење на Законот. Сепак, тој не е сигурен дека сега Уставниот суд ќе го укине Законот за јазиците сега, туку дека можеби се подготвува теренот за одреден компромис.
– Со оглед на тоа што Уставниот суд купува време, со оглед на фактот што сега ангажираат дополнителни правници, како и дека досега имаа доволно време да одлучат, бидејќи знаеме дека сите судии не биле согласни, односно дека имало судија кој сакал веднаш да се одржи седницата, мислам дека повторно ќе играат на картата компромисно решение, за да не ги разбранат духовите. Меѓутоа духовите кај политичките партии се разбрануваат токму од непринципиелното и незаконско работење на оваа највисока институција, со калкулирање на моментот што во кое време да објави или што да укине, не водејќи притоа сметка за тоа дека треба да се работи според Уставот – смета професорот.
Кекеновски вели дека главниот проблем доаѓа од невладеењето на правото, а не од обидот правото да завладее. Што се однесува за полемиката околу Судскиот совет и предлогот за негово укинување, тој вели дека ова тело не треба да се укине, но дека сите негови членови треба да се сменат со нови, бидејќи старите се искомпромитирани.
Кекеновски е револтиран и поради улогата на почесниот конзул на Косово, Арсим Папарнику, во бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е осомничен за тежок криминал.
– Индикативно е како во тој момент кога се покренува целата истражна постапка, кога започнува акцијата како тоа (Груби) го наоѓа човекот (Папарнику) што може безбедно да го пренесе преку граница – прашува Кекеновски.