Пр - Дијана Петрова - Фото - Слободен печат / Методи Здравев
Проф. Дијана Петрова - Фото - Слободен печат / Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | И да се воведе предмет „Тајните на универзумот“, нема да има ефект ако не се смени начинот на предавање, вели проф. Петрова

Дека се неопходни реформи во образованието се согласни и наставниците и учениците, барем како што покажуваат резултатите од направеното истражување на Министерството за образование и наука. Врз основа на спроведената анкета е направена новата Концепција за гимназиско образование што деновиве ја разбранува научната фела, професорите и јавноста.
Ставањето на предметот по Филозофија во графата за изборни предмети, укинувањето на предметите Социологија, Логика и Етика, привлече најголемо внимание. Професорите се кренаа на нозе и ревносно реагираат на понудените измени кои, според нив, ќе имаат фатални рефлексии врз општеството и идните генерации.

 

Професорката по македоснки јазик, Дијана Петрова, при Математичко-информатичка гимназија во Скопје за „Слободен печат“ вели дека таа не обрнала внимание толку на оваа измена туку она што ѝ оставило добар впечаток се понудените методи за тоа како во иднина би требало да се одвива наставата.

– Имам впечаток како најмногу да се даде внимание само на исклучувањето на некои предмети, што е навистина многу важно и е многу дискутабилно. Меѓутоа, јас при исчитувањето на концепцијата некако повеќе внимание посветив на понудените методи за одвивањето на наставата, бидејќи сметам дека можеби тоа е најважно. Бидејќи и да воведеме предмет „Тајните на универзумот“ нема да има никаков ефект ако не се сменат начините на предавање, ако не се сменат методите на предавање за време на часот, ако не се направат часовите да дадат некаков ефект врз учениците. Јас прво внимание им дадов на тие работи, како да се одвива наставата, како да се реализираат активностите за време на часот, кое е местото на ученикот за време на часот, а дури подоцна кога ги видов реакциите на професорите на социјалните мрежи ги видов предметите што ќе бидат исклучени или нивниот број на часови ќе биде намален – рече Петрова.

Според неа, тоа што институтите и наставниците од Филозофија, Логика, Етика се бурни деновиве е сосема разбирливо бидејќи се засегнати нивните предмети.

– Јас ја знам важноста на тие предмети и тоа што можат тие предмети да го понудат. Меѓутоа, мислам дека е многу поважно прво да видиме како да ги смениме часовите, како да ги направиме часовите ефективни или тоа што викаме да внимаваме на таа функционална писменост, прво, а потоа, како ќе се среди структурата на часот. Да видиме како сите предмети можеме да ги внесеме врз таа нова структура на предавање, односно, така ќе ги направиме предметите ефективни, така ќе ги направиме и часовите ефективни, односно, во тој случај и самите ученици ќе ја сфатат вредноста на тие предмети – вели таа.

Петрова од концепцијата ја истакнува промената во дел на флекибилноста на програмата, што досега не било така.

– Мене многу ми се допадна и тоа што се остава наставниот план којшто го изработуваат сите наставници да биде флексибилен, спротивно од тоа што досега е фиксен, а тоа значи слобода и во планирањето на времето. Тоа ќе влијае во планирањето на активностите. Новиот концепт ја дозволува таа флексибилност на програмите дека професорот во зависност од барањето од потребите на учениците може да направи некоја промена. Исто така, ставен е акцент на тоа дека главната цел на часот не треба да биде меморирање на податоци кај учениците. Затоа што сега имаме достапност на податоци, тоа е најмал проблем, сега со технологијата многу податоци се лесно достапни, туку да се научат учениците критички да размислуваат. Кога часовите се водат врз основа на дискусија, врз основа на дебата, врз основа на насоченост од наставникот, да истражуваат учениците. Исто така, она што многу ми остави впечаток е што во концептот е наведено наставникот да не се гледа како авторитет, туку како партнер – вели Петрова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот