ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-Р Трајановски: Околу 20 отсто од децата имаат видливи деформитети на коските

Д-р Александар Трајковски – директор на ТОАРИЛУЦ / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Болниот има една желба да оздрави, а здравиот има милион желби. Вака на еден ден по Светскиот ден на здравјето 7 април го почнавме интервјуто за „Слободен печат“ со доктор Александар Трајановски директор на ЈЗУ Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар Скопје- ТОАРИЛУЦ.

– Најбитно за целото здравје е превенцијата. Ако нема превенција ќе го нарушиме нашето здравје и тогаш секако ќе треба да завршиме на лекар. Целата политика на здравството е здравствената култура и начин како да се натера лицето да оди на превентивни контроли. Има многу програми, граѓаните мора редовно да прават крвни слики, до 50 годишна возраст да се направи колоноскопија, децата да се носат на ортопедски прегледи. Мојот совет е превенција, бидејќи само така ќе го зачуваме нашето здравје, вели Трајановски. Тој препорачува и редовни кардиолошки прегледи и екг.

Кога се децата во прашање им порачува на родителите редовно да се носат на ортопедски прегледи бидејќи седењето пред компјутер остава трајни последици. Според докторот дури 20 отсто од децата имаат искривувања и видливи деформитети.

Што се однесува до денешниот протест на здравствените работници, Трајановски вели дека денес кај нив се работи нормално.

/ Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

– Секој штрајк е легитимен и правото да се штрајкува е легитимно. И јас сум штрајкувал порано, нормално е да се побуни вработениот лекар или младиот лекар, но и останатиот медицински персонал. Моментално ТОАРИЛУЦ нормално функционира, нормално се оперира-вели докторот.

Тој објаснува дека за штрајкот ќе се искористи паузата, а на протестот учествуваат сите здравствени работници.

– Протестираат сите здравствени работници, но и младите лекари специјализанти на кои статусот не им е решен, добиваат околу 400 евра. Но јас кога специјализирав пред десетина година плаќав сам, немав решен статус, немавме плата, не ни плаќаа месечни дежурства. Ги поддржувам специјализантите бидејќи треба да заработуваат за да учат, за да можат да си ги платат основните потреби бидејќи дел од нив се семејни луѓе. Тие до 30 годишна возраст се врзани за образование. Но мислам дека ќе се средат овие работи и ќе добијат сè што им следува-вели Трајановски.

Тој објаснува дека иако има зголемување на платите во нивниот сектор, државата мора да се заземе за цела фела за да нема миграција на готов медицински кадар во странство.

/ Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

– Најавените вработувања ќе чекаат нова влада кај мене на клиника има околу 60 лица кои се со договор на дело. Засега се е стопирано. Тие луѓе треба да се вработат, бидејќи тие не лекуваат нас без разлика од која партија се. Секој од нас добива нивна помош, тие не примаат, прегледуваат и оперираат, не негуваат-вели Трајановски.

За пресадување на коски од починат донатор вели дека од првата трансплантација поминати се три години.

– Април 2021 е направена првата експлантација и до сега се направени 11 експлантации и 23 трансплантации. Реално има голем број на пациенти кои немаат друга опција освен трансплантација како пациенти со малигни тумори со голем дефект на коските, трауми од сообраќајни несреќи, зарази и овие коски имаат широка примена. Се поткрева свеста за дарување на органи. Се зборува за дарување на органи и треба да се продолжи по нагорна линија-вели Трајановски.

За најмладите вели дека кога ќе се родат првиот преглед треба да биде на два месеци по раѓање да се види дали има некоја аномалија, а до проодување секое дете треба да има две до три ехосонографски контроли.

– Во „Мајчин дом“ се прегледуваат од 50 до 60 деца дневно, тие деца се следат со цел да се превенира доколку има некоја аномалија. Редовно треба да се посетува ортопед посебно кај деца кои се во претшколска, но и во школска возраст за да се види развојот на рбретот со цел да се спречи развивање на сколиози и кифоза. Во едно основно училиште во Аеродром правевме со тројца ортопеди испитување во соработка со директорот. Прегледани се сите деца кои се во училиштето, гледавме стапала, ’рбет и кај голем дел од децата има искривување. Од сите испитани 20 отсто од децата беа со деформитети, рамни и искривени стапила сколиози, кифоза. Значи 20 отсто од тие деца имаа видливи деформитети-вели Трајановски.

Целото интервју погледнете го во продолжение: 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот