ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Камнар: Најмладиот пациент со вештачки зглоб е со 16 години, најстариот над 90 години

д-р Виктор Камнар/Слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

Вградува вештачки колкови и зглобови, рамена и колена, отстранува тумори, оперира бебиња со вродени проблеми со зглобови. Во утринската програма „Слободен печат“ на Слободна ТВ професор доктор Виктор Камнар ортопедски хирург од клиничката болница Аџибадем Систина зборува и за иновативните методи кои се користат во лекување со матични клетки, но и за зголемувањето на бројот на тумори во последните години кои се почести кај млади луѓе. Зборувавме за најстариот пациент кој проодел со помош на вештачки колк, но и за деца кои на 16 години добиле вештачки зглобови.

-Долг период бев дел во државното јавно здравство, повеќе од две децении, сега сум дел од приватното јавно здравство. И приватното е јавно бидејќи може да дојде секој, но се разбира под други услови. Кои се причините? Веројатно само една. После одреден период кога ќе постигнете сè што треба да постигнете во делот на струката имате потреба од сериозен систем, мултидисциплинарен со цел на нашите пациенти да им пружите соодветна помош. Бидејќи она што ми е останато од моите учители во медицината и во ортопедската хирургија е дека никој на Клиника не доаѓа да се прошета, туку затоа што има мака, а таа треба да се реши-вели Камнар.

д-р Виктор Камнар/Слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

За системот вели дека е најбитен за да се видат крајните резултати во лекувањето на еден пациент.

-Јас сум истиот лекар и од претходно, со истиот емпатичен однос кон пациентите и ништо не е сменето освен системот бидејќи е далеку поефикасен. Изборот денес е далеку поголем на вештачките импланти, колкови, колена рамена. Се употребуваат најмодерни импланти. Секако тие се поскапи, но пациентот има избор. Заздравувањето на пациентите во таков системски концепт каде што имате рана и подоцнежна рехабилитација, комплетен мониторинг од повеќе специјалности дава побрза рехабилитација-вели Камнар.

Околу најмладиот и најстариот пациент објаснува дека има концепт на кој работат низа на лекари од пред десет години. Неколкумина доктори работеле на вградување на колена и колкови кај млади пациенти.

-Најмладите пациенти се од 16-17 години. Тоа се пациенти од системски заболувања на локомоторниот апарат како ревма, автоимуни заболувања, а најстарите се длабоко навлезени во деветата деценија-вели Камнар.

д-р Виктор Камнар/Слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

Процесот на рехабилитација е во просек околу 2 до три недели. Околу зголемувањето на бројката на тумури, посебно на карциноми вели дека за жал после ковидот излегле на виделина голем број на неоплазми и во мускулно-скелетниот систем.

– Во ортопедијата постојат и бенигни тумори. Зголемениот број на неоплазми постоеше и пред ковидот, но драстично се зголеми. Најчести се во делот на ’рбетниот столб и долгите коски. Најчесто доколку се откријат во ’рбетниот столб се од секундарен карактер односно се метастази. Денешната модерна технологија која е дел од мултидисциплинарниот систем, посебно радиологијата дава комплексен пристап, рана дијагностика и брзо делување и решавање на проблемот. Оперирам и деца од состојби и болести како вродени, но и трауми. Вроденото исчашување е намалено. За среќа кај тие деца бројот е мал, но сепак има дел кој е пропуштен-вели Камнар.

Објаснува дека многу фреквентно се работат операциите кај најмладите и подготвени се како тим за таа работа. После операцијата заздравувањето е за 6 до 8 недели. За иновативните методи вели дека ги има многу.

-Повеќето од радиолошките процедури се иновативни, но и регенеративната медицина. Имаме регенеративна лабораторија за лекување на дегенеративните промени на зглобовите и меките ткива. Тоа е употреба на матични клетки со чии методи се зачувуваат зглобовите и траат подолго за да не дојде до нивно трајно оштетување и да треба да се заменат со имплант. Било кој зглоб може да се третира со иновативен метод, најчесто се употребуваат кај помлади пациенти-вели Камнар.

Со доктор Виктор Камнар разговаравме и за седечките болести, спондилозата, но и за неговото хоби возењето мотори.

Целото интервју со професор доктор Камнар погледнете го во продолжение: 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот