
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Александар Трајановски: Ќе ги решавам и проблемите што не се во моја надлежност
Натрупаното ѓубре и загадениот воздух се најголемиот проблем на Општина Аеродром, вели кандидатот за градоначалник предложен од СДСМ, хирургот Александар Трајановски.
Препорачано
Во интервјуто за „Слободен печат“, тој вели дека е свесен дека борбата со загадувањето е глобална и ја надминува надлежноста на градоначалниците на скопските општини, но сигурен е дека со многу упорност и посветеност би можел да ги разбуди надлежните институции конечно да реагираат и да почнат да ги решаваат проблемите.
– Ние од партиите може да не се согласуваме, да се блокираме, но од тоа најголем проблем имаат граѓаните, а тоа се однесува и на Општина Аеродром. Ние може да кажеме дека нешто не е во наша надлежност, ама ако гледате дека граѓаните на вашата општина трпат, и да не е во наша надлежност, не може да не се обидете да направите компромис, да се согласите на дијалог. Јас сум бил и директор на клиника и тогаш многу работи не биле во моја надлежност, па сум висел во Министерството за здравство и во Министерството за финансии, сум чекал да помине тоа и тоа, значи сум молел. Сакам да кажам, сум бил растрчан цело време. Исто и овде. Вие не може да речете „не е моја надлежност“, да ги оставиме граѓаните нека се гушат, нека се дават сите. Вардариште е децениски проблем и тоа не е од сега. Граѓаните на Аеродром, вклучувајќи ме и мене, имаат голем проблем со Вардариште. Ние се буниме, одиме на протести, а тие нè обвинуваат дека сме партиски мотивирани пред избори. Ви гарантирам дека 99 отсто од луѓето што протестираат таму се неутрални. Луѓе на кои навистина им пречи тоа што се случува во нашата општина. И јас сум запрепастен како не може градоначалникот да најде пет минути и да излезе и да поразговара со тие луѓе. Сепак, тоа се луѓе од Аеродром. Денеска, тој конечно излегол пред демонстрантите да им каже дека Вардариште не е во негова надлежност. Јас да сум, ќе ги поведам луѓето што протестираат и ќе ги однесам пред Град Скопје и ќе барам нешто да се стори. Сите го дишеме истиот воздух, и од ВМРО-ДПМНЕ, и од СДСМ и од Левица – вели Трајановски.
Еден од главните проблеми во Општина Аеродром и натаму е немањето доволно простор за паркинг на автомобили. Трајановски смета дека прво треба да се проверат дозволите за градба на изведувачите на објектите и да се види колку изнесувале комуналиите.
– Постои решение и за тоа. Прво, ќе се стави мораториум на сите градби. Дај да видиме како се добиваат комуналиите. Бидејќи знаеме дека сакаме да направиме зграда, комуналиите во Општината мора да обезбедат сè, и инфраструктура, и паркинг и зеленило. Затоа се плаќаат комуналиите од градежните фирми, односно од изведувачите. Значи, ќе ставиме мораториум и ќе провериме кој колку плаќал. Инаку, постојат слободни локации каде што можат да се направат паркинг-места. Дали ќе бидат катни гаражи, исто како што има во Лисиче, тоа ќе треба да се види. Имам слушано поплаки од соседите, кои велат дека во зимно време тие монтажни паркинг-позиции не можат да се користат бидејќи се ризични за возилата. Но, треба да се предложи и алтернатива. Во соработка со Градот ние ќе мора да го подобриме јавниот превоз, а и да проектираме велосипедски патеки, што и нема да биде тешко да се стори – вели Трајановски.
На гласачите од Општина Аеродром тој им порача дека во пресрет на изборите нема да ветува нешто, што потоа не би бил во можност да го исполни.
– Можам да ветам две нови градинки. Не ветувам 10 или 20, туку таму каде што се најпотребни зашто имаме 600 деца што не ни се запишани во градинка. Едната ќе биде лоцирана во населбата Ново Лисиче, а втората во Мичурин. Можам да ветам затворен базен, кој на Аеродром му фали, затоа што знаеме дека здравјето на младите ни е најбитно. Можам да ветам искрена и чесна работа – додава тој.
Трајановски е хирург на Клиниката за ортопедски болести, а ветува и дека доколку биде избран за градоначалник, ќе се обиде да воспостави систем на локална здравствена заштита, како и зголемување на постојниот капацитет за секундарно здравство во општината.