Александар Стојкоски - Кандидат за градоначалник на Оп. Ѓорче Петров од ВМРО
Александар Стојкоски - Кандидат за градоначалник на Оп. Ѓорче Петров од ВМРО

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Александар Стојкоски: Ќе работиме на пет капитални инвестиции во Ѓорче Петров

Во изминатите четири години главниот фокус, а особено во првата половина од мандатот, беше да ја стабилизираме општината, бидејќи сепак наследивме општина што беше значајно задолжена, во однос на тоа што го имавме како приход во тоа време во буџетот на самата општина. Ние бевме задолжени со некои 140-150 милиони денари плус кредити, а успевавме целиот тој долг паралелно и да го сервисираме и да работиме, па така сега јас велам општината ја застанавме на здрави нозе, од една страна со нашето работење внатре во самата институција, од друга страна, пак, ни дојде поддршката и од Владата. Првпат се случува во еден ваков обем влада да поддржува локална самоуправа, зборувам за сите општини, бидејќи сите добивме средства од буџетот пропорционално според бројот на жители, меѓутоа за тие средства ние требаше да се спремиме со проектна документација, проекти и така натаму. Ние аплициравме на првиот повик, а и на вториот со 27 проекти што се од капитално значење за општината и сега сме во фаза на реализација на проекти од првиот повик. Најголемиот дел ги завршивме во делот на инфраструктурата, вели Александар Стојкоски, актуелниот градоначалник на Општина Ѓорче Петров.

Стојкоски пред четири години привремено се прости од лекарската практика и титулата специјалист радиолог ја замени со градоначалник, а на претстојните избори тој повторно е кандидат за прв човек од Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во интервјуто за „Слободен печат“ тој вели дека во наредниот мандат ќе се обиде да заврши голем број отпочнати или планирани проекти.

– Сега почнавме да ја градиме градинката во Дексион, а отпочнуваме и со доградба на едно училиште, така што имаме голем фронт за работа, некои 21 километар и повеќе нови локални улици, патишта. Да не ставам долги рокови, но мислам дека до крајот на наредната година општината ќе добие барем уште пет капитални објекти на својата територија – вели тој.

Во последните 15 години Ѓорче Петров е под градежна експанзија во делот на урбаните населби на општината. Најавено е и градење поголем број станбени и деловни објекти во делот на населбата Влае, што предизвика противење од опозицијата, со образложение дека тоа дополнително ќе го задуши градот Скопје.

– Знам дека има душегрижници, најчесто се тие лажни душегрижници, но ќе се обидам да ви објаснам. Точно е дека има градежна експанзија, се гради, но условите се многу подобри во однос на други соседни општини, како што е случајот во Карпош. Работиме барем во мојот мандат и сме посветени да создадеме добри комуникациски врски со „Улици и патишта“. Имаме обезбедено соодветни согласности од сите надлежни и ресорни министерства. Почнувајќи од Министерството за животна средина, каде што поранешната министерка, а сегашен кандидат Каја Шукова е потпишана. Потоа се правеше сценарио дека ние ќе го загрозиме Ѓорче Петров, па дури и Скопје. Имаше закани од некои соседни градоначалници дека ќе ни ја пресекле канализацијата. Имаше многу приказни околу тоа – вели Стојкоски.

Стојкоски нагласува дека не е во надлежност на градоначалникот на општината да го собира сметот, но вели дека е принуден и со тоа да се занимава бидејќи ЈП Комунална хигиена на Град Скопје не си ја врши својата основна функција.

– Тоа е дисфункционално претпријатие од повеќе аспекти. Како прво е пренатрупано со луѓе што ништо не работат, а многу малку има работници. Ги ценам многу луѓето што доаѓаат со камионите што собираат. И сум разговарал со дел од нив, навистина ми е жал во какви услови функционираат и работат бидејќи се малубројни, а имаат многу работа. Кога вие во едно јавно претпријатие наместо да имате 90 отсто вработени што ќе излегуваат на терен и 10 во канцеларија, таму треба да се влезе сериозно и да се види колку од тие луѓе што се вработени, реално се потребни. Колку од тие вработени таму се присутни? Нашите информации велат дека таму се вработени цели семејства, а тие не се ни присутни во државава, туку се во некои други држави. Но, тоа ќе си се види. Единствената колатерална штета на ова се нашите граѓани. Кантите не им се собрани по три недели и ова треба да се знае во јавност. Ниту една општина не е надлежна за собирање смет. Тоа што го правиме, го правиме за да им излеземе во пресрет на жителите бидејќи тие живеат во тешки услови – додава градоначалникот.

Тој најави дека во наредниот мандат очекува и да се реализира проектот „Александрија“, односно градење нова населба во руралниот дел од општината, каде што е предвидено да се продаваат парцели за изградба на куќи на млади брачни парови. Стојкоски смета дека на тој начин Општина Ѓорче Петров се бори со заминувањето на младите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот