ВИДЕО+ФОТО | Мештаните на Горна и Долна Бањица: Коридорот 8 ќе ни го земе целиот имот, ќе останеме без единствената егзистенција, нивите

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Ќе останеме без единствената егзистенција од која се векови опстојуваме, раскажуваат жителите на Долна и Горна Бањица во гостиварско за „Слободен печат“ откако изминативе два месеца дома започнале да им стигнуваат решенија за одземање на обработлива земјоделска површина која, според нивните информации ќе се користи за логистика при изградбата на Коридорот 8, проект за кој градежните акивности започнаа изминатово лето.

Мештаните велат дека не се против изградбата на коридорот, односно одземање на земјиштето кадешто треба да поминува трасата, иако експропријацијата се наплаќа по неверојатно ниска цена од 650 денари за квадратен метар, но, како што велат, тие се изречито против одземање на имот долж трасата, процес кој што велат нема да го дозволат.

Претседателот на месната заедница на Долна Бањица Насир Асипи вели дека на селаните им стигнувале решенија за експропријација без да бидат консултирани и повикани на разговор или каква било средба која постојано ја бараат со надлежните институции.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Од месната заедница додаваат дека сите се свесни дека земјоделието им е е единствената дејност на жителите во овој регион кадешто имаат плодна земја, но институциите на селаните им ја одземаат земјата туку-така, без око да им трепне.

– Ни носат некои решенија за одземање на земјиште, но долж Коридорот 8 , не на самиот коридор, туку покрај коридорот. Наводно велат за некоја логистика, не сме известени што ќе се работи со тоа земјиште кога ќе се изгради коридорот, но тоа е земјиште од кое егзистираме. Да повторам проблемот е покрај коридорот, за коридорот ние не сме апсолутно против, онаму каде што ќе поминува трасата. Наводно тоа земјиште долж коридорот ќе се користи за канализација, слушаме ќе направат бетонска база, бараки и слично. Ние поседуваме плодни нивни, ќе остане некое парче, но со коридорот ќе се расипат и каналите за наводнување. Ние тука засадуваме гостиварски кромид од Горна и Долна Бањица, ние садиме пипер, домат. Ние сакаме да ја работиме земјата, еве пролетта ќе пристигне треба да ги ораме нивите и од што ќе живееме. Механизацијата е тука, тоа е јавен интерес ни велат, но и ние сме жители на оваа држава, вели Насир Асипи.

Мештаните додаваат дека потврда оти незаконски се врши експропријацијата говори и фактот што Управниот суд донел одлука во корист на еден нивен соселанец кој го обжалил одземањето на приватниот имот. Тие најавуваат дека сите ќе тужат и очекуваат позитивен исход, а во меѓувреме се организираат да ги блокираат работите на „Бехтел“ и „Енка“ за изградба на Коридорот 8.

– Ние мислиме да се организираме помасовно, да направиме блокада на работата на „Бехтел“ и „Енка“. Имаше еден наш соселанец тужеше и се врати од Управен суд Скопје каде ја поништиле одлуката за експропријација поради непотполна документација, немале направено елаборат за одземање, директно ни носат така документи за одземање на имот. Тој приватно тужел и го добил спорот. Ние сите ќе тужиме,  јас тужев и чекам одговор. Поради оваа одлука на Управен суд, ние сега уште повеќе немаме доверба во експропријацијата. Градежните активности на трасата течат, но на ридот, а тука каде што е спорно одземањето на земјиштето се уште нема никакви активности, додава Асипи.

 

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека кога се гради пат од јавен интерес се постапува согласно законските норми и додаваат дека урбанистичкиот проект за изградба на Коридорот 8 е одобрен од Владата и тие тоа мора да го почитуват.

„Според Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Северна Македонија, треба што побрзо да се изврши експропријацијата за да им се овозможи на „Бехтел и Енка“ да започнат да градат. ЈПДП останува на ставот дека кога се градат нови патишта тоа е од јавен интерес и тогаш се постапува согласно законски норми, во случајов согласно Законот за утврдување на јавен интерес. Земјиштето каде што е извршена експропријација во Горна и Долна Бањица е земјиште каде што е предвидено да се гради трасата, како и изградбата на камп според урбанистичкиот проект и ние тоа мора да го почитуваме, бидејќи тој е одобрен од Владата и е дел од договорот со Бехтел и Енка, информираа за „Слободен печат“ од ЈПДП.

Инаку педесетина жители од селата Горна и Долна Бањица на 6 јануари блокираа регионален пат кој минува низ нивните села и три часа не пропуштаа возила во знак на револт од начинот на кој се спроведува експропријацијата за потребите на Коридорот 8.

На протестот мештаните уште еднаш искажаа револт од, како што рекоа, игнорантскиот однос на властите и другите институции во решавањето на ова прашање и како што кажаа, никој не ги заштитил и не се грижи за нивниот интерес.

Досега околу половина од сопствениците на земјоделско земјиште кое ќе биде одземено за изградба на Кородорот 8 добиле решенија за трајно одземање.

Мештаните на чиј имот ќе поминува Коридорoт 8: Се соочуваме со насилно одземање на нивите по одредена минимална цена

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот