ВИДЕО: За институциите младите се само декор, би се иселиле по секоја цена

„Билет во еден правец - дали институциите преземаат нешто за да го променат ова?“/Фото: МИА

Oд 100 илјади до 500 илјади е бројот на млади што се иселиле од државава во изминатите 20 години односно во периодот меѓу последниот попис и тој пред него, а поразителен е фактот, што на прашањето: „Дали би се иселиле по секоја цена?“, потврдно одговориле помеѓу 30 и 90 проценти млади, потенцираше комуникологот Бојан Кордалов од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) на дебатата насловена „Билет во еден правец – дали институциите преземаат нешто за да го променат ова?“ што се одржа во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Фото: Слободен печат - Агнеса Чаволи
Фото: Слободен печат – Агнеса Чаволи

Најчеста причина за иселување што ја наведуваат младите е квалитетот на живот, а тука спаѓаат корупцијата, лошото образование и здравство, правата коишто ги сакаат и можностите што ги имаат нивните врсници во светот.

Фото: Слободен печат – Агнеса Чаволи

Креирање прва студентска платформа за општествена одговорност која ќе ја поддржат македонските компании и иницијатива до владините институции и општините во нивната работа да вклучат студенти со што тие ќе учествуваат и ќе влијаат во подобрувањето на јавните услуги за граѓаните, се идеите кои беа нагласени денеска за задржувањето на младите во земјава и подобрување на квалитетот на живот на студентите со нивно вклучување во процесите на одлучување.

Според Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП за иселувањето многу се зборува, но малку се прави од страна на институциите и наместо долгорочни стратегии полни со зборови, рече, младите треба да се вклучат и во тоа да помогнат институциите, граѓанскиот сектор и компаниите.

– Една од идеите е да ги поттикнеме институциите да почнат да дејствуваат зашто тоа е нивна задача и улога. Затоа ги даваме овие две конкретни иницијативи – првата е младите луѓе да се вклучат во институциите каде што ќе креираат политики, ќе ги менуваат работите и буквално ќе бидат одговорни за новините кои треба да се направат во државата и во институциите. Тоа е единствен начин младите да се мотивираат да останат во Македонија. Не само да бидат тема на муабет, туку да бидат вклучени и да дадат придонес. Институциите сега ги вклучуваат младите многу често само како декор, но она што недостасува е да ги вклучат со право на глас и право на одлучување, истакна Кордалов.

Бојан Кордалов / Фото: Слободен печат – Агнеса Чаволи

Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Славчо Темелковски, смета дека многу нешта што во земјава се прават за младите се прават формално.

Според него, иницијативата младите да се вклучат во некоја институција е изводлива.

-На пример, ако некоја институција има проблем со дигитализација, во што младите се дефинитивно повешти од повозрасните генерации, има простор тие да се вклучат, да преземат одговорност за водење процес во кој би имало одреден број студенти и би се направила конкретна промена во одреден период. Втората замисла која сакаме да ја понудиме е поврзана со еден вид платформа каде што сите студентски собранија во склоп на УКИМ ќе имаат можност сите свои настани и активности да ги споделуваат до приватниот сектор, а тој ќе може директно да помогне во креирање на тие настани и ќе го подигне нивниот квалитет, рече Темелковски.

Појасни дека идејата за вклучување на младите во институциите не е тие да бидат волонтери туку да им се цени трудот и да им се плати.

Фото: Слободен печат - Агнеса Чаволи
Фото: Слободен печат – Агнеса Чаволи

– Затоа што меѓу причините за тоа што младите си заминуваат е дека нивното знаење е многу поголемо од платата што им се нуди во многу области каде би сакале да учествуваат и да придонесат. Би сакале нивниот труд да биде платен, додаде Темелковски.

Бленди Ходаи, студент и претседател на Форумот за образовни промени (ФОП), во чиј фокус е квалитетот на високото образование, изјави дека македонските студенти немаат квалитетно образование на државните универзитети и дека и начинот на нивно функционирање е застарен и е како во 20 век.

Фото: Слободен печат – Агнеса Чаволи

Како пример го посочи „чекањето по три-четири часа на шалтери“ на факултетите за да заверат семестар.

-Многу работи што таму се учат не се потребни за пазарот на трудот. Тоа е една од причините зошто имаме голема младинска невработеност, што варира од 30 до 33 проценти… Исто така, проблем е и тоа што може да бидеш многу паметен и со знаење за работата, но ако немаш добри врски, не можеш да се вработиш во некоја државна институција во која може да придонесуваш за општеството, рече Ходаи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот