
ВИДЕО | Во едно англиско село нема криминал, долгови или бездомништво: Причината е бизарна
Селото Дарвел во Источен Сасекс на прв поглед изгледа како место од соништата. Имено, таму нема никаков криминал, ниту долгови, а сите жители имаат сигурен покрив над главата – сето тоа без потреба да заработуваат плата. Не, ова не е измислена утопија, туку село во кое заедница од 300 луѓе речиси половина век живее надвор од рамките на современото општество.
Препорачано
Место каде што никој не поседува ништо
Оваа заедница, која се наоѓа недалеку од Хестингс, е дел од религиозната група Брудерхоф, позната по радикалните христијански практики. Жителите делат заеднички живот, одгледувајќи сопствена храна на фарми и овоштарници, водат свои училишта, кујни, па дури имаат и фабрика за детски играчки и мебел вредна повеќе милиони фунти.
Нивниот начин на живот се заснова на раните библиски текстови, а приклучувањето кон заедницата повлекува откажување од приватна сопственост, пари и социјален статус. Оние кои ќе одлучат да станат членови на заедницата мора да прифатат строги правила, вклучувајќи забрана за развод, истополови врски и почитување на пропишаниот кодекс на облекување.
Како изгледа еден ден во селото?
Денот во Дарвел започнува во 6 часот, а работните и училишните активности траат од 7:30 до 17:00 часот со двочасовна пауза за ручек. Тука нема да најдете модни трендови бидејќи жените носат едноставни традиционални фустани и марами, додека машката облека е лежерни маици и карирани кошули.
Интересно е што децата немаат телевизори, мобилни телефони или социјални мрежи. Оваа заедница верува дека тоа е клучот за посреќно и поздраво детство.
Слични населби има насекаде низ светот
Заедницата Брудерхоф има уште 23 слични населби низ светот, а сето тоа започна во 1920 година во Германија како пацифистичко движење. Поради нивните верувања, нацистите им го конфискувале имотот, по што побегнале во Англија, каде биле пречекани со топло добредојде.
Бернард Хибс, еден од жителите на Дарвел, живее во заедничка куќа со неговата сопруга Рејчел, нивните деца и родители. Тој го опишува животот како едноставен, но исполнет.
„Обично јадеме заедно во заедничка трпезарија, пееме и славиме како едно големо семејство. Се започна со млади луѓе кои сакаа целосно да го следат Исус, а тој дух живее во нас и денес“, објасни тој.
„Немам грижи, немам кредит, немам сопствен имот“
Бернард истакна дека многу посетители доаѓаат со предрасуди дека тоа е култ, но се изненадени: „Нема чудни ритуали или тајни ракувања. Пренормални сме за култ“.
Како директор за надворешни работи, Бернард е еден од ретките жители со пристап до компјутер и мобилен телефон. “Немам грижи, немам кредит, немам свој имот. Ако ми требаат чевли, само ги барам и ги добивам истиот ден. Имаме 10 автомобили за 300 луѓе и сѐ функционира совршено”, заклучил тој.