ВИДЕО | Тунтев: Изолациите се убиствен фактор за развој на воздушниот сообраќај

Томислав Тунтев, директор на АЦВ/Фото: Слободен печат

Состојбата во воздушниот сообраќај во овој период на пандемија ја анализира директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев во гостувањето на Утрински брифинг.

-Воздушниот сообраќај беше најмногу погоден од корона кризата. Во март 2020 година, едноставно како со нож се пресече, затоа што сите држави, практично без исклучок, ги затворија границите и не беше возможно да се одвива редовниот патнички сообраќај. Се’ застана, изјави во Утрински брифинг, Томислав Тунтев, директор на АЦВ.

Ако 2019 година беше најуспешна во авиосообраќајот во светски и домашни рамки, оваа 2020 се заокружи со големи загуби, намален број на летови и патници, дури и со затворање на авиокомпании со традиција.

-Се сеќавам дека три месеци и нашите аеродроми беа затворени, воздушниот сообраќај во светски размери беше сведен само на 10 проценти од она што беше во истиот период претходната година. Во светот на воздухопловството 2019 година се зема како репер, затоа што воздушниот сообраќај и туризмот заедно доживеаја бум. Таков развој не памети воздухопловната индустрија, вели Тунтев.

Тој се осврна и на оптимистичката прогноза за 2022 година во воздухопловството во светски рамки, при што се смета дека вакцинацијата ќе биде масовна и успешна и патниците ќе се вратат во авиопревозот.

Тунтев нагласи дека приходите од 2019 година од прелетите биле околу 3 милиони евра, но тие годинава се помали за една третина, односно околу милион евра помалку се инкасирани што предизвика проблеми во функционирањето на субјектите во оваа дејност.

-Успеавме некако да ја пребродиме оваа година, со кратење на некои обуки, кратење на платите во МНАВ во договор со синдикатите, воведовме драстично штедење. Во 2020 година некако се снајдовме да ја пребродиме кризата, рече Тунтев.

Осврнувајќи се на новите тенденции и предизвици во воздухопловството, Тунтев зборуваше и за трендот со дроновите кои во земјава ги има се повеќе и за да може да летаат, мора да бидат регистирани во АЦВ.

-Им предложивме на операторите на дронови да формираат свој центар за обука за да биде безбедно летањето на дроновите, постапката за регистрирање е олеснета зошто реално дроновите не можат да го загрозат авиосообраќајот, но треба внимателно да се летаат, нагласи Тунтев.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот