ВИДЕО | Штипскиот универзитет добил европски пари од „Еразмус“ за плагијат, а вистинскиот автор работи како чувар

Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип добил 142 илјади евра грант од Европската Унија преку „Еразмус“ програмата, а како краен производ меѓу другото, продуцирал и „плагијат“ на авторски труд на дипломиран агроном кој во моментов работи како чувар, открива „Слободен печат“.

Агрономот Томе Петров, за „Слободен печат“ објаснува дека неговата база на пестициди и градинарски култури што со многу ентузијазам ја создал уште во 2007 година на це-де, во 2018 година ја нашол објавена на сајтот на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, со сите печатни грешки кои ги имало во неговата база, со старите имиња на производителите на пестициди кои во 2007 година постоеле, а сега не постојат и сето тоа било финансирано со европски пари од „Еразмус“ програмата преку проект што го добил Универзитетот од Агенцијата за европски образовни програми и мобилност.

– Знаете што кажал Никола Тесла: Не ми е жал што ми ги крадат идеите, жал ми е што немаат нивни идеи. Во 2018 година, гледав дома „Телма“ телевизија и се појави прилог во кој се промовира база на пестициди од Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип. Си реков, дај да ја проверам базата на нивната веб-страница, бидејќи јас веќе имам изработено едно такво дело. Веднаш штом го отворив сајтот ми беше јасно дека тоа се моите податоци и мојата база. Се јавив во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и ме прими тогашната директорка Лидија Димова. Рече дека тоа е кривично дело и ме упати на суд да докажам дека сум автор на базата, после што би следувал поврат на парите, изјави агрономот Петров за „Слободен печат“.

Името на Томе Петров како автор на базата не фигурирало никаде на сајтот на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, а за срамот да биде поголем, вештачењето покажало дури 324 совпаѓања на текстови и поделби меѓу неговата база од цедето и онаа на сајтот на УГД Штип, што е невозможно да биде случајно.

Според Петров и вештачењата на експертите, неговата база на податоци и пестициди, била земена со копи-пејст и потоа надоградувана. За ова само еден човек бил осуден за кривичното дело повреда на авторско право и сродни права и требало да плати 800 евра на сметка на државниот буџет, а универзитетот и тогашниот ректор Саша Митрев не биле ни опфатени со постапката на Обвинителството.

Со правосилна пресуда за повреда на авторското право осуден бил Васко Златковски, кој во периодот од 2015 до 2018 година во Штип, во свое име и во име на Универзитетот „Гоце Делчев“, преку компјутерски систем неовластено посегнал по туѓо сродно право кое произлегува од авторско дело. Според пресудата тој неовластено и без дозвола на агрономот Томе Петров ја употребил неговата база на пестициди, за да создаде нова електронска база онлајн во име на универзитетот, кој пак користел пари од „Еразмус“ за проектот.

Потоа „копи-пејстираната“ и надополнета база, била поставена на платформата „Еразмус плус“ и на сајтот на Земјоделскиот факултет при УГД Штип. Универзитетот на Васко Златковски му платил и хонорар од 50 илјади денари, од кои 222 евра биле наменети за базата за пестициди.

Златковски бил истражувач на катедрата за заштита на растенијата и околината на Земјоделскиот факултет при УГД Штип во рамки на проектот финансиран преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, односно проект финансиран со пари на Европската Унија.

Вистинскиот автор на базата, која подоцна била надополнета, Томе Петров не добил ни денар отштета, а неговата база на градинарски култури и пестициди и ден денес стои на сајтот на УГД Штип без неговото име. Во 2018 година, копи-пејстираната и надоградена база била дури и презентирана јавно, на настан во хотел.

Тогаш Томе Петров гледал телевизија, па на екранот си го препознал трудот и почнал да тужи. Прво се обратил до Агенцијата за европски образовни програми и мобилност да ги извести дека европските пари се дадени за нешто што е негов интелектуален труд, а за кое не дал дозвола да биде преземено. Агенцијата не го прекинала проектот и покрај тоа што имала договор со Универзитетот во кој се барало тој да осигура дека ги има сите права за индустриска и интелектуална сопственост.

Во конкретниот случај, Националната агенција проверила на лице место и испратила инспекција на Универзитетот „Гоце Делчев“ заради заштита на финансиските интереси на Европските заедници од измама и други неправилности, а со цел да се утврди дали имало измама, корупција или каква било друга незаконска активност која влијае на финансиските интереси на Унијата во врска со овој грант. Притоа Националната агенција го затворила конкретниот проект без да утврди измама, корупција или каква било друга незаконска активност во врска со овој грант и крајната исплата на средствата кон Универзитетот била на 26 септември 2018 година.

Откако се дистанцирале од целата работа, од Агенцијата, сепак на Томе Петров му ветиле дека ќе ја известат Европската комисија за проблемот, но дали тоа го сториле не е познато.

Од Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип велат дека најостро го осудуваат секој обид за плагијаторство и прикажување на туѓи авторски дела како свои, бидејќи тоа е спротивно на етичкиот кодекс на универзитетот. Плагијатот што е објавен на страницата на УГД Штип е од пред пет години, кога Универзитетот имал други раководни структури.

– Секој член од нашата заедница за кој ќе се докаже дека ги прекршил етичките начела и прикажал туѓи авторски дела како свои, треба и мора да ги сноси последиците и да ја надомести штетата настаната како резултат на неговите несоодветни постапки. Токму и информациите кои ни ги доставивте, се однесуваат на постапка водена против лице вработено како стручен соработник, член на катедрата за заштита на растенијата и околината на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип на Универзитетот, за кое судот утврдил дека со своите постапки ги прекршило авторските права на друго лице, за што и изрекол соодветна казна на обвинетото лице. Универзитетот ниту бил опфатен со оваа постапка, ниту официјално информиран за истата, поради што и сметаме дека не е соодветно понатаму да ја коментираме, но сакаме да потенцираме дека ние како академска заедница фундирана на принципите на чесност и транспарентност ги поддржуваме овие постапки и остануваме отворени за соработка со која било надлежна институција или заинтересирана страна, вели за „Слободен печат“ ректорот на УГД Штип, професор доктор Дејан Мираковски.

Од универзитетот додаваат дека Томе Петров во 2021 година повел и приватна граѓанска тужба против Универзитетот „Гоце Делчев“, во тој период застапуван од ректорот проф. д-р Блажо Боев, како и лицата Саша Митрев, Зоран Здравев и Васко Златковски, за надомест на штета поради повреда на авторско право. Томе Петров во овој спор е застапуван од адвокатката Маја Ристова.

За истата тужба, во 2022 година е донесена првостепена пресуда, но од двете страни поведена е жалбена постапка пред повисокиот суд, која се уште е во тек.

Со оглед на фактот што судската постапка (граѓанската) е се уште во тек, до нејзиното завршување, сегашното раководство нема основа да постапува во врска со овој настан надвор од оваа постапка, иако велат дека ќе ги почитуваат сите одлуки на судските инстанци и ќе постапат по нив во најкус можен рок.

– Во првостепената пресуда, барањето за надомест на штета на лицето Томе Петров е одбиено како неосновано поради застареност и Универзитетот во овој момент, нема основа на кој било начин да влезе во постапка за обесштетување.  Во истата првостепена пресуда, судот го одбива како неосновано и барањето на тужителот да се отстрани од промет авторското дело – дата база на податоци на тужителот, поради што и во овој случај, раководството на Универзитетот нема основа да наложи на координаторот на проектот и истражувачите вклучени во истиот да ја отстранат базата на податоци од веб платформата на Земјоделскиот Факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во овој момент, објавената отворена база на пестициди (ОБП) е достапна целосно бесплатно (на некомерцијална основа) на сите заинтересирани, а од нејзиното публикување во 2018 постојано се надополнува на волонтерска основа, така што нејзината достапност нема материјални импликации за ниту една страна. Секако дека и во овој случај Универзитетот ќе ги почитува сите одлуки на судските инстанции и ќе постапи по истите во најкус можен рок, додаваат од управата на Универзитетот.

Агенцијата за европски образовни програми и мобилност и покрај тоа што била информирана за настанатите состојби уште пред да го затвори проектот во 2018 година, и во тие услови го затворила проектот и ја извршила исплатата.

– Без намера да ја минимизираме важноста на настанот, би сакале да истакнеме дека во овој проект биле вклучени неколку институции и здруженија, а предвидени и реализирани се поголем број активности, при што се дефинирани вкупно седум резултати, од кои еден е развојот на „спорната“ база на податоци. Активноста која вклучува развој на отворена база на податоци, а каде е направена повредата на авторските права, во проектот е буџетирана со приближно 3,5 проценти од вкупниот буџет на проектот, така што констатацијата дека овие институции на институционално ниво аплицирале пред Агенцијата со туѓ авторски труд е веројатно претерана, несоодветно ги маркира институциите и ги минимизира сите други активности. Тоа впрочем го потврдува и фактот што за настанатата повреда на авторските права е идентификувана индивидуална одговорност и изречена соодветна санкција, а од друга страна Агенцијата со сите информации и после извршените контроли, ги цени активностите како соодветни, врши исплата и го затвора проектот, додаваат од УГД Штип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот